×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува дека Заев, Ковачевски и Каевски биле голтари пред да влезат во политиката

    25.03.2022 12:10 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Пејоративниот збор „голтар“ искористен за опишување на овие јавни личности, освен што е навредлив, не ја отсликува реалната состојба. ВМРО-ДПМНЕ со своето соопштение ги спинува реалните факти и со тоа ја манипулира јавноста да поверува во нешто што не е вистина

    Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува дека Заев, Ковачевски и Каевски биле голтари пред да влезат во политиката Фото: Принтскрин видео Јутјуб

    Пишува: Симона Атанасова

     

    Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиуми изнесе став во коешто препознаваме спин.

    Спин: Дарко Каевски, исто како и Зоран Заев и Димитар Ковачевски е пример како во политиката се влегува како голтар, а се излегува милионер. Дарко Каевски на само 30 години, без еден ден работа во реален сектор, само од функционерска плата успеал да се стекне со 4 милиони во банка и 1 стан.

    [Извор: Официјална веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение; датум: 22.03.2022]

     

    Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поранешниот премиер Зоран Заев, сегашниот премиер Димитар Ковачевски и пратеникот Дарко Каевски влегле во политиката како голтари, збор којшто се користи за да се опише некој кој е беден и сиромашен, а бездруго има и навредлива нишка, како и елементи на потсмев. Потоа се тврди дека споменатите, откако станале дел од политичкиот живот, се претвориле во милионери. Ваквите тврдења се неосновани, немаат никаква поткрепа и служат да ја манипулираат јавноста.

    Поранешниот премиер, Зоран Заев пред да стане дел од политиката, бил активен во приватниот сектор. Неговото пошироко семејство се познати бизнисмени во Струмица и работат во неколку дејности. Заев, по дипломирањето во 1997 година, ја започнал професионалната кариера во трговското друштво на неговото семејство, „Тргопродукт“ од Струмица. Во 2001 година ја презел директорската функција во „Тргопродукт“, и таа фукнција ја извршувал до 2003 година. Од 1998 до 2003 година бил и член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ од Струмица, а од 2001 до 2003 година членувал и во управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица“ од Струмица.

    Во периодот од 1998 до 2003 година Заев дополнително вршел неколку други функции, членувајќи во управните одбори на неколку локални компании и бил претседател на управниот одбор на јавното комунално претпријатие на Струмица.

    Во периодот од 2003 до 2005 година бил пратеник во Собранието, потоа од 2005 до 2016 година во три мандати бил градоначалник на Општина Струмица. На 31 мај 2017 година Заев беше првпат избран за премиер, а на оваа функција беше до 3 јануари 2020 година, кога согласно Пржинскиот договор се формираше техничка влада на чие чело застана Оливер Спасовски. Летото, по предвремените парламентарни избори (јули 2020 г.),  Заев го доби вториот премиерски мандат. Оваа Влада предводена од Заев беше избрана на 30 август 2020 година, а  тој остана на премиерската функција до 16 јануари 2022 година, кога се повлече поради поразот на локалните избори одржани во октомври 2021 година

    Сегашниот премиер Димитар Ковачевски е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

    Според неговата биографија објавена на веб-страницата на Влада тој извршувал повеќе директорски функции во фирми поврзани со телекомуникации.

    Работната кариера ја започнува во „Македонски телеком“ АД Скопје како соработник за финансии и координатор за регулирање и хармонизација на контрола на финансии (1998-2005), а потоа напредува на низа менаџерски позиции, директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008), директор на маркетинг комуникации (2008 -2010), директор на комуникации (2010-2016) и директор на резиденцијална продажба (2016-2017). Бил дел од меѓународниот бренд комитет и меѓународниот комитет за комуникации на „Дојче Телеком“ (2008-2016). Потоа станува Извршен директор на „ОНЕ ВИП Македонија“, „А1 Македонија“, дел од „Телеком Австрија Групацијата “(2017-2018).

    Исто како Заев и Ковачевски, и Дарко Каевски на којшто најголем фокус се дава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, не ја почнал својата кариера во политиката, туку во приватниот сектор. Пред да биде избран за советник во Општина Кисела Вода (2013 г.),  Каевски бил дел од геодетското друштво „Гео Каевски“, што е во сопственост на неговите родители, а каде започнал да работи во 2012 година. Па оттука, тврдењето истакнато во соопштението дека Каевски нема „еден ден работа во реалниот сектор“ е невистинито.

    Инаку, пред да стане пратеник во Собранието на Р. Северна Македонија – август 2020 година, Каевски беше директор на Агенцијата за млади и спорт, а на таа функција беше именуван во јули 2017 година.

    Така што, поседувањето стан од 62 квадрати и заштеда во банка за некој што има над 10 годишен работен стаж  и активна кариера, како и семеен бизнис, не е  многу невообичаено.

    Пејоративниот збор „голтар“ искористен за опишување на овие јавни личности, освен што е навредлив, не ја отсликува реалната состојба. ВМРО-ДПМНЕ со своето соопштение ги спинува реалните факти и со тоа ја манипулира јавноста да поверува во нешто што не е вистина.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk