×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ромите и Египќаните живеат на маргините од општеството

    22.11.2021 08:29 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Ромите и Египќаните се соочуваат со потценувачки однос во комуникацијата со институциите, наидуваат на бариери во пристапот до здравствената заштита, но и на образовни и социјални предрасуди. Во изминативе две години од пандемијата најчестите поплаки на Ромите и Египќаните се однесуваат на здравствените услуги. Валат дека на дискриминација наидуваат насекаде дури и при посета на маркети и угостителски објекти

    Ромите и Египќаните живеат на маргините од општеството

    Пишува: Соња Рилковска

     

    Ромите и Египќаните се најмаргинализирани етнички заедници во земјава. Како припадници на помали етникуми тие се и најранливата категорија на граѓани. Се соочуваат со секаков вид дискриминација во општеството, почнувајќи од институционална, преку здравствени, образовни и социјални предрасуди. Нивните лични сведоштва се трогателни.

    Се жалат дека тешко доаѓаат до здравствена заштита,  дека се случува  со часови да чекаат во болничките чекални и здравствената услуга да ја добијат последни.

    Дискриминацијата по етничка основа е секојдневие. Најчесто Ромите и Египќани се недоволно едуцирани и наидуваат на бариери при пристапот кон институциите и токму затоа комуникацијата е ниска и со многу помала доверба и почит кон овие граѓани. Се чувствува одбивност, непомагање, непружање на рака од страна на институциите. Едноставно, се забележува дискриминација, вели Вахид Мемед претседател на Здружението за мултукултурна интеграција „Инклузија“.

    Во изминативе две години од пандемијата најчестите поплаки од Ромите и Египќаните се однесуваат на здравствените услуги.

    За себе не можам да кажам дека сум дискриминиран, јас сум интегриран во системот и преку мојата невладина се трудам да помогнам на што поголем број граѓани,  но многу мои сограѓани често ми се жалат за потценување и проблеми  при добивањето здравствени услуги. Нашата заедница е економски поранлива и многу полошо поминува во нашиот здравствен систем, вели Мемед.

    Овие наши граѓани со дискриминација се соочуваат насекаде во општеството. Дури и при посета на маркети и угостителски објекти. Последниот проект на здружението „Инклузија“ беше токму за меѓусебно запознавање, разбирање и почит помеѓу сите етникуми во регионот.

    Се трудевме што повеќе младите од етничките заедници да се дружат меѓусебно, да се запознаат подобро, да разберат дека разликите не се бариера, напротив тие се предност за соживот. Свесни сме дека надминувањето на предрасудите ќе биде долг процес на кој ќе се работи и тука мора поддршка од локалната власт. Ние како здружение баравме да се оформи и Комисија за односи меѓу зедниците во општина Охрид, со која ќе се уредуваат сите прашања поврзани со заедниците и малцинствата, но немаше слух. Се надеваме новата локална власт да покаже поголем интерес, додава Мемед.

     

    ПРЕДРАСУДИ И СТИГМА

    Овие етнички заедници тешко наоѓаат и пристојна работа. Работодавците сè уште имаат предрасуди. Ретко се случува да се пробијат и на политичката сцена. Во општинскиот Совет во  Охрид во минатиот состав имаше само еден советник Египќанец, во новиот состав на Советот повторно само еден, овој пат Ром.

    Истражувањето на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ укажува  дека Ромите во Македонија, и покрај многуте законски прописи што експлицитно ја забрануваат дискриминацијата, продолжуваат во пракса да се соочуваат со предрасуди и стигма уште од рана возраст.

    Оваа етничка заедница сѐ уште останува исклучена од општеството и се соочува со дискриминација во скоро секој аспект од нивниот живот. Поплаките поднесени од страна на Ромите подносители главно се однесуваа на здравствената заштита, социјалната помош, финансиите, правата на потрошувачите, судството, детските права и урбаниот развој, стои во истржувањето.

    Според пописот од 2002 година, 53.879 луѓе (2.7 проценти) се идентификувале како Роми, иако вистинскиот број веројатно е значително поголем. Советот на Европа проценува дека во земјава има помеѓу 134.000 и 260.000 Роми.

    Еднаквоста на граѓаните во општеството е загарантирана со Уставот на Македонија и беше дополнително зајакната со Охридскиот рамковен договор усвоен во 2001 година, со кој се гарантира принципот на соодветна и еднаква застапеност на заедниците. Во 2020 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, а на крајот на јануари оваа година Собранието го изгласа новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

    Со Законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или каква било друга основа.

    Извештајот на Европската Комисија за 2021 година го забележува донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, за чие донесување се потенцира дека беше обезбедена меѓупартиска поддршка. Во Извештајот се забележува и клучната улога на граѓанскиот сектор во мониторирање на работата на институциите и во учеството во донесувањето на одлуки во областа на антидискриминацијата.

    Европската Комисија го поздравува и формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, особено назначувањето на дел од членовите од граѓанскиот сектор со соодветно искуство во областа.  Истовремено укажува дека функционалната независност на овие тела (Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител) треба постојано да биде загарантирана, меѓу другото и преку овозможување на соодветни финансиски ресурси за нивно непречено и сеопфатно функционирање.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар