×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Веќе четири години како се гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

    02.02.2022 11:45 | Жаклина Цветковска | Преземено од: vistinomer.mk

    Ветувањето за изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка е во тек на реализација. Овој патен правец, како дел од Паневропскиот коридор 8, се наоѓа меѓу стратешките приоритети и  високо нa агендата во многу изборни пограми на политичките партии и на досегашните влади, но неговата изградба постојано се пролонгираше. Договорот за заемот од Светска банка за изградба на овој експресен пат, во висина од 83 милиони евра беше потпишан уште во октомври 2015 година од страна на  тогашниот  министер за финансии и вицепремиер Зоран  Ставрески. Тогаш беше најавено дека патот ќе започне да се гради во 2016 година и ќе се заврши за три години, односно до 2019 година. Но, тоа не се случи, стартот на работите започна дури по смената на власта, поточно во јуни 2018 година. А, откако кога конечно започна да се гради овој експресен пат, првичните проекции на Владата предводена од СДСМ беа дека ќе биде завршен во 2021 година. Но и овие прогнози не се остварија, па рокот за реализација е продолжен до 2023 година, а досега се завршени над 70 отсто од работите на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

    Веќе четири години како се гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка Фото: Влада на РСМ

    Пишува:  Жаклина Цветковска

     

    ВЕТУВАЊЕ: Изградба на експресен пат Ранковце – Крива Паланка

    [Извор: Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година,  (стр.17); Датум: јануари, 2022]

     

     

    ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

    Ова ветување дадено во Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, (стр.17), е во тек на реализација.

    Ден по меѓувладината седница помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во Софија (24 – 25. 01.2022 г.) и договорената обврска за интензивирање на  динамиката за изградба на Коридорот 8, премиерот Димитар Ковачевски изврши увид во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде беше кажано дека активно се одвиваат градежните работи на терен.

    Со колегата Петков многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура, рече  Ковачевски.

    Фото: веб-страница на Влада на РСМ

    Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека е задоволен од динамиката и реализацијата од над 70 проценти на експресниот пат. Тој очекува дека патниот Коридор 8 – експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, третата лента кон Деве Баир и целосната рехабилитација на постоечкиот пат, треба да бидат завршени кон средината на 2023 година.  Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми извести дека претходните проблеми со изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка се надминати и дека во тек се градежни активности во зимски услови на втората делница ( Крива Паланка – Длабочица).

    Идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка, истакна Рустеми

    Фото: веб-страница на Влада на РСМ

    Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е со вкупна должина од 24,5 км, ширoчина од 12,5 метри, а инвестицијата е со вкупна вредност од 62,5 милиони евра, обезбедени преку кредит од Светска банка. Патот е поделeн на две делници, првата од Длабочица до Чатал, а втората од  Крива Паланка до Длабочица. Ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Скопје  и Крива Паланка.

     

    ДОЛГО НАЈАВУВАН ЕКСПРЕСЕН ПАТ

    Овој патен правец, како дел од Паневропскиот Коридор 8, се наоѓа меѓу стратешките приоритети и  високо нa агендата во многу изборни пограми на политичките партии и досегашни влади, но неговата изградба постојано се пролонгираше. Оваа делница  се наоѓа и на листата на проекти за сигурен транспорт во Програма за работа на Владата на РСМ за периодот 2020-2024, (стр.10), Изборната програма на СДСМ „Можеме“, 2020-2024, (стр.51), Програма за работа на Владата 2017-2020 (стр.37), но и во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, 2020-2024 (стр.140).

    Договорот за заемот од Светска банка за изградба на овој експресен пат, во висина од 83 милиони евра беше потпишан уште во октомври 2015 година од страна на  тогашниот  министер за финансии и вицепремиер Зоран  Ставрески. Беше најавено дека патот ќе започне да се гради во 2016 година и ќе се заврши за три години, односно до 2019 година.

    Но, изградбата не започна навреме, а во 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ повторно го најави овој експресен пат како еден од неговите капиталните инфраструктурни проекти. Сепак, стартот на работите започна дури по смената на власта. Почетокот  го означи поранешниот премиер Зоран Заев следната година, на 22.06.2018 година, истакнувајќи дека вредноста на инвестицијата ќе изнесува повеќе од 58 милиони евра.

    Градиме патна инфраструктура за да го развиеме овој дел од Македонија, но и да обезбедиме услови за движење на граѓаните, соодветно на европските стандарди.  Остануваме посветени на реализација и изградба на капитални инфраструктурни проекти кои ќе овозможат брз и безбеден транспорт на стоки и услуги. Обезбедивме 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патна инфраструктура во должина од околу 800 км, потенцираше  тогаш Заев.

    За изведувачи на  работите беа избрани  италијанската компанија „Тирена Скави“ (Длабочица-Чатал) и македонскиот конзорциум Гранит – Бетон (Крива Паланка-Длабочица).

     

    ИЗГРАДБАТА ОД „УМЕРЕНО ЗАДОВОЛИТЕЛНА“ ДО „УМЕРЕНО НЕЗАДОВОЛИТЕЛНА“

    Од почеток градежните активности на терен се одвиваа со забавено темпо. Иако рокот за завршување на изградбата беше мај 2021, по повеќе од една година (септември 2019) беа завршени само 15 отсто од изградбата (17 отсто на првата  и 13 отсто на втората делница). Изведбата на градежните работи ја кочеа  тешкиот терен за пристап до трасата поради и археолошките наоѓалишта долж самата траса.

    Во меѓувреме реагираше и Светска банка, па претходно дадената  „умерено задоволителна“ оценка за напредокот на изградбата на експресниот пат, ја замени со „умерено незадоволителна“. Критиката од Светска банка дојде заедно со последниот извештај на Министерството за финансии, во кој се вели дека Владата во првите 5 месеци од годинава успеала да потроши само 13,74 отсто од средствата наменети за капитални инвестиции во 2019 година.

    Но, само осум месеци подоцна, на 6 мај 2020 година, тогашниот директор на ЈП за државни патишта Зоран Китанов изјави дека работите се одвиваат според планираното темпо.

    Извршив увид на повеќе локации, каде се работи како никогаш досега. Најпрвин на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка каде се работи на мостовите, вијадуктите, се пробиваат трасите, согласно динамиката на градба се се одвива како што треба, изјави Китанов.

    Веќе во септември истата година од ЈП за државни патишта  информираа  дека делницата од Крива Паланка до Длабочица е со физичка реализација од 50 отсто, а од  Длабочица до Чатал од 30 отсто, најавувајќи дека се очекува до почетокот на 2022 година да биде завршен патниот Коридор 8. Во меѓувреме, и министрите од Владата на РСМ вршеа увид во изградбата и даваа изјави дека сè се одвива според планираната динамика и дека на Коридорот 8 се инвестира во повеќе капитални проекти.

     

    РАСКИНАТ ДОГОВОРОТ СО ИТАЛИЈАНСКАТА КОМПАНИЈА

    Но, проблемите се појавија откако италијанската компанија „Тирена Скави“ ги прекина работите и се повлече од теренот. Работите на оваа подделница беа стопирани, а продолжија градежните активности на втората подделница (Крива Паланка – Длабочица) во изведба на „Гранит“ и „Бетон“. Државата го раскина договорот со италијанската фирма и се распиша меѓународен тендер за избор на нов изведувач на првата подделницата Длабочица-Чатал, по што се очекува оваа 2022 година работите да продолжат и да се интензивираат, како што најави и премиерот Ковачевски по меѓувладината седница во Софија.

    Па, иако во 2018 година кога конечно започна да се гради овој експресен пат, првичните проекции беа дека ќе биде завршен во 2021 година, сега рокот е продолжен до 2023 година. Тоа е нотирано и во најновата Програма за работа на Владата на РСМ за периодот 2022-2024 година, каде се наведува дека „врвен приоритет на Владата ќе претставува рапидна изградба на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении“(стр.16) и дека во текот на овој мандат Владата ги продолжува проектите коишто имаа огромни проблеми и потешкотии при изградбата (стр.17), меѓу кои е и експресниот пат Ранковце- Крива Паланка.

    Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на РСМ, во Поглавјето 21 за Трансевропските мрежи, е посочено дека државата има ограничен напредок и сè уште нема напредок во завршувањето на  реформите во секторот, заради што треба да го зајакне оперативниот и техничкиот капацитет на сите управни институции и институции на засегнати страни, кои се вклучени во развојот на  Транспевропската транспортна мрежа (ТЕН Т).

    Потребни се дополнителни и итни напори за да се забрза напредокот во сите фази од овој железнички коридор (Коридор 8,н.з.) и други приоритетни делници за основната мрежа како во железничкиот, така и во патниот сообраќај, стои во Извештајот.

    Па, иако изградбата се одолговлекува, сепак експресниот пат Ранковце – Крива Паланка се гради, на терен има градежни активности, а со најновиот договор за инфраструктурно поврзување помеѓу РС Македонија и Бугарија се очекува позабрзана изградба на Коридорот 8, оценуваме дека реализацијата на на овој проект е во тек

    „Вистиномер“ повторно ќе се наврати на ова  ветување, со цел да видиме како се одвива изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка чијашто конечна завршница се планира до средината на 2023 година.

    Фото: веб-страница на Влада на РСМ

     

    ИЗВОРИ:

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар