Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во рамките на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“,на 26 и 27 октомври, во Центарот за култура во Крива Паланка, се организира Алтернативен мултимедијален фестивал „ГИГА фест“, во чест на Глигор Цветковски, режисер, основач на драмското студио и раководител на драмската дејност во оваа национална установа.
Во двете фестивалски вечери ќе се одржи видео проекција на монодрамата „Жените на Шекспир, во режија на Цветковски, изложба на фотографии од Ѓорги Костовски за дејноста на Драмското студио при НУ Центар за култура Крива Паланка, инсталации во простор од Кирила Цветковска, Стефан Јакимовски и Ѓорги Костовски, „ЗОРОЗБОР-современа македонска поезија, монодрамата „Кротка“ во режија на Гејан Ангелов и музички перформанс.
Цветковски,кој почина минатата година, на 41-годишна возраст беше посветен на едукацијата на младите актерски таленти, се трудеше да создаде поинаква сцена за младите генерации и да им ја всади желбата за уметноста и вистинските вредности. неизмерно веруваше во својата идеја и упорно ја градеше кривопаланечката театарска сцена.
Дипломира општа и компаративна книжевност на Филолошкот факултет„Блаже Конески“ при УКИМ и беше магистрант по театарска режија на ЕСРА универзитетот за аудиовизуелни уметности, во класата на Дејан Дуковски и Горан Тренчевски.Во 2007 година го основа Драмското студио при НУ Центар за култура Крива Паланка и раководи со драмската дејност.Во изминатите 14 години режираше околу 15 претстави од странски и домажни автори, како и сопствени драмски текстови и текстови на локални автори.
Гостува на театарски фестивали во Бугарија, Србија и Македонија. Има добиено 4 плакети на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, плакети од ДАФ Кочани и 2 награди на фестивалот „Бескрај 10 квадрата“ од Прокупље, кој во негова чест ја востанови наградата за режија „Глигор Цветковски“.
Ќе остане запаметен како посветен вљубеник во драмската уметност, предводник на алтернативната култура во Крива Паланка и основач на локалната театарска продукција.