Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пешачката патека кон манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“, во живописната околина на „Бабин Дол“, ќе биде рекоструирана и уредена за посетителите и туристите кои уживаат во пешачењето и рекреативните активности.
Реконструкцијата е дел од прекуграничниот проект „Одржливо користење на културното наследство во Дупница и Крива Паланка “, што се реализира преку ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.
„Станува збор за инвестициски проект, чија цел е зголемување на туристичкиот потенцијал на регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природното и културното наследство“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Патеката е со должина од околу 900 метри, а ја опфаќа трасата од спортскиот комплекс кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“. На оваа локација ќе биде поставено осветлување и ќе се уреди коритото на т.н. Бабин дол.
Вкупниот буџет за реконструкцијата изнесува 188.485 евра. Изведувач на градежните работи е Цвет компани ДООЕЛ, а изградбата треба да бидат завршена за период од 6 месеци.
Во рамките на овој прекуграничен проект, во Крива Паланка ќе се организира и Фестивал за промоција на локалната традиција, со реконструкција на средновековна битка.
(Ж.Ц.)