×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Центарот за аудиовизуелни уметности подари дела од современа уметност на Градскиот музеј во Крива Паланка

    17.03.2021 20:42 | KumanovoNews

    Во Градскиот музеј од Крива Паланка денеска беше свечено промовирана и подарена првата збирка со дела од современа ликовна уметност, од страна на Центарот за аудиовизулени уметности на оваа културна институција.

    Центарот за аудиовизуелни уметности подари дела од современа уметност на Градскиот музеј во Крива Паланка

    Делата се создадени во рамките на проектот „Сите бои на џезот“, што Центарот за аудиовизуелни уметности го реализира веќе 3 години по ред, со финансиска поддршка на Министерството за култура.

    „Овој проект претставува промоција на џез културата и ликовното творештво на македонски уметници од Крива Паланка. Авторите ги создаваа делата пред публиката, која имаше можност да се запознае со уметничкиот процес од блиску и интерактивно да учествува во настаните. Сметаме дека Градскиот музеј е најсоодветно место за заштита, валоризација и промоција на културното наследство, кое останува на локалната заедница и идните генерации, па затоа одлучивме да ги подариме делата на оваа институција. Дарувањето во уметноста е благородно дело и зачувување на трајните вредности“, рече Методи Цветковски, претседател на Центарот за аудиовизуелни уметности.

    Делата, кои ја сочинуваат збирката, се создадени од академските сликари Димитар Стојчевски, Роберт Цветковски и Нела Јанковска, сите од Крива Паланка.

    „Почестен сум што ги добиваме овие дела , кои ќе ја сочинуваат првата збирка на современа ликовна уметност на нашата институција и се надевам дека од година во година се повеќе ќе се збогатува. Проектот „Сите бои на џезот“ е навистина уникатен и како спој на музиката и сликарството дава вредност, која навистина треба да се зачува. Особено што е создадена од познати и признати македонски автори од нашата општина, меѓу кои не се само сликари, туку и музичари, како што е познатиот џез музичар Гордан Спасовски“, истакна директорот на Градскиот музеј Драган Величковски.

    Градоначалникот Борјанчо Мицевски ја поздрави соработката на ЛУ Градскиот музеј и Центарот за аудиовизуелни уметности, подвлекувајќи дека на овој начин се создава простор и стимул за уметниците, кои допрва се потврдуваат за свое место на ликовната сцена и тие да станат дел од збирката за современа уметност.

    „Збирката овозможува делата на уметниците кои оставаат белег на времето во кое живеат, да не бидат заборавени и да сведочат за нашето културно наследство“, рече Мицевски.

    Координаторот на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ Јордан Михајловски, истакна дека и тие ќе придонесат за збогатување на збирката и од секое издание ќе оставаат по неколу дела од учесниците на колонијата.

    На свеченоста посебно признание му беше одадено на неодамна починатиот академски сликар Димитар Стојчевски и беше најавено дека оваа година во негова чест ќе се реализираат повеќе настани и проекти.

    (Ж.Цветковскa)