Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кривопаланечките пожарникари, годинава Денот на пожарникарите „20 Мај“ го посветија на македонскиот хуманист Јован Христовски, иселеник во Шведска кој нанадејно почина вчера, а има голема заслуга за унапредување и опремување на противпожарните единици во Македонија.
Христовски, досега има обезбедено 9 противпожарни возила и тоа 3 во Крива Паланка, по 2 во Битола и Дојран и по едно возило за противпожарните единици во Ранковце и Радовиш. Во процедура беше набавка на уште 4 возила, наменети за противпожарните единици во Кратово и Дебар.
Овој голем хуманист, е по потекло од Битола, а со ТППЕ од Крива Паланка имаше воспоставено тесна соработка. За својата хумана мисија и придонесот во унапредувањето на работата на кривопаланечката единица и воошто на противпожарните служби во Македонија, во 2013 година ја доби највисоката „8-мо Окомвриска награда“ од општина Крива Паланка.
„Многу сме му благодарни на Христовски за неговите заложби да го подигнеме квалитетот на нашата служба. Тој ни овозможи да присуствуваме во Упсала и да се обучиме за спасување на животи при катастрофи, особено сообраќајни несреќи, како и други интервенции. Со негова помош од Шведска имаме донација од 4 возила, од кои две се за противпожарната служба во Крива Паланка, едно за единицата во Ранковце и едно возило е преотстапено на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Изгубивме голем пријател и поддржувач, кој ни е пример како треба да се помага на луѓето“, вели Иле Коцевски, комантир на ТППЕ Крива Паланка.
Во рамките на Денот на пожарникарите, противпожарната единица беше посетена од учениците од ООУ„Јоаким Крчовски“ на кои им беше демонстрирана работата на кривопаланечките пожарникари. Воедно, во просториите на ТППЕ Крива Паланка се спроведе и крводарителска акција.
(Ж.Ц.)