Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓанските приоритети за решавање на сообраќајниот метеж, искористување на сите расположиви ресурси за поттикнување на локалниот економски развој, подобрување на комуналните услуги, ефикасна администрација, партиципативно граѓанско учество и стимулации за младите беа прифатени од страна на кандидатите за градоначалник на Крива Паланка, на јавна трибина со граѓаните што се одржа денеска во општинската сала.
На трибината присуствуваа кандидатите за градоначалник од СДСМ и коалицијата Сашко Митовски, од ЛДП и ДОМ Зоран Павловски и од ИНТЕГРА Славчо Станковски-Нико. Беа присутни и носителите на советничките листи на
СДСМ, Изабела Павловска и на коалицијата на ЛДП и ДОМ Дане Милошевски.
И покрај поканата и доставените граѓански приоритети, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Александар Рангелов не дојде на соочувањето со граѓаните, поради , како што бевме информирани од негова страна, однапред договорена агенда.
Најголемите граѓански приоритети произлегоа од Форумот за граѓански дијалог преку консултативни средби и анкетни прашалници.
Присутните кандидати за градоначалник истакнаа дека граѓанските приоритети се високо и на нивната програмска агенда, а воедно дека ќе бидат и нивни приоритети.
Меѓу другото, тие се согласија дека е потребно изнаоѓање на нови паркинг простори и сообраќајни решенија за растоварување на сообраќајот на главната улица, реорганизација на јавното комунално претпријатие, искористување на туристичките потенцијали на Калин Камен, изградба на мали пречистителни станици, консултативни средби со гражаните и субвенции за младите.
Кандидатите понудија и конкретни решенија за граѓанските приоритети, а во конструктивна дискусија со граѓаните прифатија и дел од нивните понудени решенија како можности за надминување на проблемите со кои се соочуваат. Истовремено, беа утврдени и критичните точки и области каде идната локална власт може да наиде на потешкотии при реализацијата на граѓанските приоритети и каде е потребно покомплексно решение и поддршка од централната власт.
На крајот, кадидатите потенцираа дека секој граѓанин и секој граѓански приоритет ќе биде и нивен приоритет, но и дека мора да се има реална програма и реални ветувања, во согласност со можностите и ингеренциите на локалната самоуправа.
Форумот за граѓански дијалог е поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.