Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението за планинарење и заштита на природата „Козјак 2013“, во соработка со ЈП „Национални шуми“, подружница Куманово, во сабота (23.11) организира акција за пошумување на локацијата "Борови" над село Малотино, во близина на Мегалитската опсерваторија Кокино, кое пред две години изгоре во голем пожар.
„Целта е да го обновиме опожареното подрачје од 2022 година и да придонесеме за заживување на природата. Пошумувањето е од клучно значење за спречување на ерозија и зачувување на почвата, поттикнување на биодиверзитетот и враќање на дивиот свет, обновување на шумските појаси, кои играат важна улога во складирањето на вода и влијаат на климатските промени. Ако сте љубител на природата – ова е вашата шанса да дадете придонес за заживување на еден од најубавите предели во нашата земја“, велат од „Козјак 2013“.
До местото каде што ќе се пошумува ќе биде организиран бесплатен автобус, а посетителите можат да дојдат и со сопствен презов. Теренот е делумно подготвен, а секој од учесниците во кацијата треба да понесе ашов. Поаѓањето е во 09:00 часот од ресторанот Жмара, Куманово, а предвидено е акцијата да трае до 15:00 часот.
Доколку временските услови: не дозволат, граѓаните ќе бидат известени.
„За сите што ќе дојдат со сопствен превоз, ќе има можност да ја посетат Мегалитската опсерваторија Кокино, која се наоѓа само на 5 км од местото каде што ќе се изведува пошумувањето. Ова е одлична прилика да се запознаете со овој археолошки бисер, кој претставува едно од најстарите набљудувачки места во Европа“, велат организаторите.
За повеќе информации на телефон: 077 760 502 – Марко и 071 387 227 – Марјан.