Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Утврдени се пропусти во постапувањето на вработените во Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Кратово, кои не успеаја да обезбедат транспорт за извлекување на премрзнат сточар во планинското село Емирица, кој почина во Штипската болница откако лекарите го носеле на раце 5 часа низ планина за да го спасат.
Комисијата којашто го испитуваше случајот, денеска информираше дека вработените критичниот ден не ги известиле сите субјекти во системот за управување со кризи на локално и национално ниво, за обезбедување на теренско возило или хеликоптер.
„Првиот пропуст којшто е идентификуван на локално ниво не е известено подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Општина Кратово, бидејќи знаеле дека тие не располагаат со такво возило. Водејќи се од тој факт не направиле службено известување и не побарале асистенција. И следното ниво, нема известување односно побарување на дополнителни ресурси од другите субјекти во системот за управување со кризи, како што е армијата. Има и мали недостатоци во комуникацијата со локалната асмоуправа, меѓутоа тие се преточени во предлозите и препораките за подобрување во наредниот период“, - изјави Стевко Стефковски, член на комисијата.
Директорот Стојанче Ангелов, кажа дека врз основа на овој извештај ќе се формира дисциплинска комисија, која по добиените одговори од Министерството за здравство дали се почитувани медицинските протоколи, од МВР зошто тие не побарале помош кога биле известени за проблемот, од Министерството за локална самоуправа какви грешки направила Општина Кратово и откако ОЈО ќе се изјасни за случајот, ќе утврдува евентуална одговорност за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар на ЦУК.
63-годишниот маж почина, како последица на премрзнување и силно крварење во мозокот по мозочен удар, една недела откако на раце беше носен 5 километри низ планината од екипа на Итна медицинска помош во Кратово, затоа што надлежните институции не обебедија возило за негов транспорт. Случајот во јавноста го обелодени лекар од Итната медицинска помош во Кратово.