Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дело на младиот македонски композитор Гордан Спасовски од Крива Паланка е меѓу десетте композиции на репертоарот на Балканскиот младински џез оркестар, чија премиера е вечерва, со почеток во 20 часот, во Културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“ во Подгорица.
Делото е насловено „Virgo Diamond“, а покрај Спасовски, на листата на композитори чие дело » 5 Charpters & an Epilogue“ исто така ќе биде изведено е и џез музичарот Владимир Ботев од Македонија.
„Среќен сум што Балканскиот младински оркестар ќе ја свири мојата композиција. Овој оркестар го гледам како начин за создавање и зајакнување на музичките врски во регионот и на Балканот“, вели Спасовски, кој иако млад зад себе има богата и успешка кариера и е афирмиран џез музичар во земјава и во странство.
Балкански младински џез оркестар го организира Организацијата за промоција на џез музика и култура „ Jazz Art“ од Подгорица, во партнерство со Музичката академија „Гоце Делчев“ од Штип и Факултетот за музичка уметност од Белград.
Проектот е поддржан од Фондот Западен Балкан, а во него учествуваат 21 музичар и 10 композитори, кои ќе бидат дел од Оркестарот и неговиот репертоар, а како диригенти и експерти се појавуваат Антонио Китановски и Владимир Николов.
„Овој проект е изложба на вистинската културна соработка и резултатот е заеднички, мултикултурен и прекуграничен младински џез оркестар. Балканскиот младински џез оркестар е светилник на промените и помага при приближување на младите музичари и композитори на Блаканот“, велат организаторите.
Гордан Спасовски е пијанист од помладата генерација на македонски џез музичари, кој дипломира на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија, како најдобар студент на генерацијата. Зад себе има бројни настапи на европските џез-фестивали и соработки со значајни имиња на џез сцената.
(Ж.Ц.)