Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Кратово ја откажа главната манифестација за одбележување на патрониот празник на градот „Свети Ѓорги Кратовски“, која секоја година се одржуваше на Градскиот плоштад на 24 февруари.
Поради пандемијата и почитување на здравствените протоколи, централниот настан ќе изостане годинава, а чествувањето на заштитникот и патрон на Кратово ќе се одбележи само во црковниот храм Свети „Ѓорѓи Кратовски“, со утринска богослужба.
Според житието, Ѓорги Кратовски е роден во Кратово, каде го изучува кујунџискиот занает. Пред притисоците на турската власт, кои собирале т.н. данок во крв и младите момчиња ги правеле јаничари, побегнал во Софија.
Но, и таму жестоко ја бранел христијанската вера и не сакал да го прифати исламот, заради што бил затворен и мачен, а на 24 февруари 1515 година, на 18-годишна возраст, и спален на клада во Софија.
Православната црква подоцна го прогласила за светец, а во 1925 година, во негова чест, е изградена црквата „Св. Ѓорги Кратовец“.
Во 2002 година,Советот на општина Кратово донесе одлука за прогласување на Св. Ѓорги Кратовски за заштитник и патрон на градот, со достојно одбележување во негова слава. Тој се смета за заштитник на кујунџиите и златарите.
(Ж.Ц.)