Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Изградба на модуларна катна гаража, реконструкција на централна градска улица, и реконструкција на патот помеѓу манастирскиот комплекс „Свети Јоаким осоговски“ и Калин камен се проектите со кои Општина Крива Паланка конкурира на повикот на владата со која ќе се финасираат комунално- инфраструктурни проекти.
Општината побарува да и се обезбедат 16,4 милиони денари, односно повеќе од 2,5 милиони евра.
„Изградба на модуларна катна гаража во централното градско подрачје, кај зелениот пазар е приоритетн проект од есенцијална важност за градот. Речиси и да немаме паркинг места, а бројот на моторни возила е значително зголемен, па сообраќајниот метеж е секојдневен и многу голем проблем за граѓаните но и посетителите на Крива Паланка. И со другите две апликации мислењата се дека ќе придонесеме за подобра сообраќајна поврзаност на одредени прометни точки“, истакна градоначалникот Сашко Митовски.
Вредноста на изградбата на гаражата од 55 милиони денари е само за првата фаза на интервенцијата, а опфаќа и обнова на постојната инфраструктура на површината. Подоцна ќе бидат потребни дополнителни 30 милиони денари за целосно завршување на проектот, средства кои општината во овој момент не е во можност да ги обезбеди.
Реконструкцијата на патот меѓу манастирот и туристичкото место Калин Камен, е проектирано дека ќе чини 55 милиони денари, и ќе придонесе за развој на алтернативниот планински туризам во градот, но и посетителите кои рекреативно би сакале да го посетат. Освен патот општината работи и на донесување на Детален урбанистички план за уредување на Калин камен со што би се зголемила понудата и содржините на местото кои би привлекле и нова целна група на туристи.
Апликација е поднесена и за реконструкција на централна градска улица од населбата Единство до клучка со магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, кај локација технички преглед, а проектот опфаќа и регулација на атмосферската канализација. Реализацијата на овој проект ќе чини 54 милиони денари.
Владата го објави јавниот повик за општините кои можат да аплицираат со проекти во инфраструктурата за што се издоени 100 милиони евра од државниот буџет. Повикот е отворен до 22 септември, по што ќе следи постапката за избор на проекти.
Ова е прв ваков повик, а вкупно се планирани 250 милиони евра за развој и подобрување на условите во локалните самоуправи.
За следење на процесот и одлучување е формирано владино координативно тело.