Мени

„Боите“ – изложба на слики на Боро Арсовски во Куманово

11.11.2026 09:32 | KumanovoNews

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утре со почеток во 19,30 часот, ќе биде отворена изложбата „Боите“ од авторот Боро Арсовски. 

„Боите“ – изложба на слики на Боро Арсовски во Куманово

Изложбата содржи триесетина слики од најновото творештво на Арсовски. 

„Сликите кои се создадени во последните неколку години се пресвртница во мојот пристап кон платното. Главно се одликуваат со директно фрлени бои, сирови и оставени да се рефлектираат и измешаат во окото на тој што стои пред нив. Бои „не дозирани“ во слугување на сликата во било каков контролиран хармонски однос. Напротив, ги поврзува единствено целосното препуштање на спонтан, речиси непромислен креативен импулс“, вели Арсовски.

Боро Арсовски е роден 1964 год во Скопје. Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршил во Скопје. Член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) од 1990 година.

Професор е во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје, а работи и како сценограф, дизајнер и фоторепортер.

Учествал на повеќе групни изложби во земјава и надвор од неа, како и на повеќе групни ликовни колонии, ликовни или мулти медиски хепенинзи. Имал и неколку самостојни изложби во земјава.

Изложбата ќе биде поставена до 25. ноември. Поддржана е од Министерството за култура и туризам на Македонија.