Лажни пораки со казни за сообраќајни прекршоци се праќаат кај граѓаните, МВР апелира на внимателност
Повторно е забележана зачестена појава на испраќање на измамнички пораки преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, со кои граѓаните се доведуваат во заблуда дека треба да извршат уплата за наводно направен сообраќаен прекршок регистриран од системот „Безбеден град“, велат од МВР.
Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба.
МВР апелира до граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници, ниту да вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.
„Воедно, потсетуваме дека официјалните СМС известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен http://safecountry.mvr.gov.mk. Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами“, соопшти МВР.