×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Мице Јанкуловски- уметник на светот во црна форма

    07.03.2021 10:39 | KumanovoNews

    „Ми требаа 50 години за да сфатам дека црната боја ги содржи сите бои и се движи кон светлината“, вели мултимедијалниот уметник Мице Јанкуловски, кој по повод 50-годишното творештво има изложба на своите дела во ЛУ Градскиот музеј од Крива Паланка.

    Мице Јанкуловски- уметник на светот во црна форма

    Последната деценија Јанкуловски е препознатлив на домашната и меѓународна јавност по своите дела создадени исклучиво во црна боја, за која велат дека е боја на драматичноста, како што и авторот е човек драма, кој плени со својата појава, суптилна чувствителност и уметничка аура.

    Националниот координатор за интеркултурализам и развој на културата при Владата на РСМ, Роберт Алаѓозовски, на отворањето на изложбата посочи дека творештвото на Јанкуловски е монументално, а опусот од црната Форма 3 е најзрелата фаза на авторот.

    „Јанкуловски, како и Галеријата Остен арт, чиј претседател е авторот, вршат многу важна функција во културниот живот на земјата, како на домашно ниво, така и при меѓународната презентација. Тие се чекор напред и имаат остварено соработка дури и онаму каде што се уште не се остварени официјани посети“, истакна Алаѓозовски.

    Опусот од црната форма на Јанкуловски ги има поминато сите европски биеналиња и меѓународни презентации и има собрано бројни награди, како „Ел Греко“ за најдобар уметник на Арт Тесалоники, Грција, 2019, „Лоренцо Ел Мањифико“ за животно остварување на Биеналето во Фиренца, Италија, 2019, „Уметник на светот“ на биеналето во Ларнака, Кипар, 2018, Гран при наградата на 19-тото Меѓународно графичко биенале во Варна, Бугарија, 2017. Меѓу признанијата се и Гран при на Светската галерија на карикатури, Скопје, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и многу други. Досега има одржано над 50 самостојни изложби во земјава и светот, меѓу кои во Санкт Петербург, Солун, Торино, Венеција, Фиренца, Варна Ларнака итн.

    Ослободувајќи се од колоритот на боите, Јанкуловски се ослободува и од четките, по примерот на Пикасо за елиминација на непотребното. Но, во навидум минималистичкиот пристап, тој го мултициплира уметничкиот израз.

    „Покрај монофромноста, делата на Јанкуловски, се одликуваат со модуларност, мултипликација и минимализам, зашто концептот и смислата се постигнати со минимум елементи, што е и најтешко. Клучниот збор за неговите најнови дела е фокусирање со љубов и страст, кои отвораат цел свет пред тебе“, вели Корнелија Конеска, куратор и најблизок соработник на авторот.

    На делата на Јанкуловски се осврнуваат и многу ликовни критичари од земјава и од светот, кои доволно говорат за маестралноста на неговото творештво, а особено за најновата црна форма.

    „За Јанкуловски црната боја е цел космос на духовни предели, емотивни идеи и историски документи. Тој верува дека преку црната боја може да си ја дозволи судбината на човештвото, да ја раскаже драмата на човештвото, бидејќи светот престанува да биде мрачен кога ќе го раскажеме“, вели Манос Стефанидис, куратор, критичар и професор на Националниот универзитет во Атина.

    Мице Јанкуловски е сестран уметник-сликар, карикатурист, аниматор, пишувач на палиндроми, опседнат со движењето, односно кинетиката и со визуелниот ефект. Претседател е на Здружението на карикатуристи и активен член на ДЛУМ и светските асоцијации за карикатура и визуелни уметности.

    Истовремено е и основач на Остен биеналето и Остен музејот на цртеж. Како страстен колекционер во збирката има и 85 дела од Пикасо, а во 2019 година беше организирана и изложба „Неочекуван дијалог-Пикасо и Јанкуловски (керамика и сликање)“, претставена на Арт Тесалоники во Грција.

    По повод 50-годишното творештво издадена е и ексклузивна публикација „МИЦКО-Мице Јанкуловски /Сликарство/Форма3“, која беше промовирана во Градскиот музеј во Крива Паланка.

    (Ж.Цветковска)