Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Крива Паланка организираше свеченост, по повод Денот на крводарителството, 17 Март, на која беа доделени награди и признанија за најхуманите граѓани-крводарители и поддржувачи на крводарителските акции на Општинската организација на Црвен крст.
„Големината на хуманото дело на крводарителите, особено во сегашаните услови на пандемија, е еден од највисоките чинови на морални, хумани и етички вредности. Помошта која ја даваат на ранливото население, ги прави уште несебични, пожртвувани и вредни граѓани на заедницата и општеството во кое живеат“, истакна градоначалникот Борјанчо Мицевски.
На свечениот прием, како знак на благодарност за огромната хуманост и заслуги на планот на крводарителството, на најуспешните крводарители им беа доделени републички признанија, награди и плакети. Плакети со признанија за 50 дарувања на крв беа доделени на Баки Реџеповски, Зоран Трајчевски, Раде Трајковски и Константин Стојановски.
Признанија беа доделени и на семејствата Дамевски и Митовски, а како промотори и поддржувачи на Програмата за крводарителството за 2020 година признанија добија Ивица Станковски, Дејан Апостоловски, Ирена Белешковска, ТППЕ Крива Паланка, Клубот на млади при ОО Црвен крст, ООУ Јоаким Крчовски и ЗКЦ Деве Баир.
„Во оваа пригода би сакал да им го честитаме Денот на крводарителите, на волонтерите и на вработените во ОО Црвен крст за хуманите акции и нивните резултати. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот е висок чин на хуманост и благородност и благодарение на изградената свест за хуманост на илјадници наши сограѓани – крводарители, спасени се многу човечки животи“, изјави Дарко Пешевски, секретар на ОО Црвен крст Крива Паланка.