Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Манифестацијата„Невестинско поклонение“, што традиционално се одржува секоја година, по повод верскиот празник Тодорица, во кривопаланечкото село Конопница, оваа година е одложено поради пандемијата.
Младите невести, омажени помеѓу двете Тодорици, не можеа да му се поклонат на светецот „Свети Теодор Тирон“ во истоимената црква и да го изведат овој вековен ритуал, заедно со своите свекрви, во организирана поворка. Годинава, тоа го сторија самоиницијативно, оние кои сакаа да бидат благословени од светецот на родот и породот.
Во кривопаланечко, овој празник се празнувал во повеќе села, но најпознат е соборот во селото Конопница, каде се наоѓа и црквата „Свети Теодор Тирон“, кој се смета за закрилник на оваа рурална заедница.
Во оваа автентична манифестација, која се практикувала уште од 19 век, кога е изградена црквата, учествувале сите невести, омажени помеѓу две Тодорици. Тие ја облекувале невестинската руба и во поклоненичко дефиле, рака под рака со своите свекрви, се поклонувале пред светецот барајќи благослов, здрав пород, среќа и благодет.
Ритуалот е обновен после цели 33 години, и од 2010 година редовно се организираше на Тодорица, во недела, ден после Тодоровата сабота. Иницијатор е Стојанче Величковски од с. Конопница, а организатор и поддржувач општина Крива Паланка и МПЦ.
Некогашните невести од ова село раскажуваат дека кога ќе се слушнеле црквените ѕвона, невестинската поворка тргнувала, на секои три чекори застанувала и се поклонувала по трипати. И така девет пати, додека да се стигне до пред самиот влез на црквата и да го примат благословот од свештениците. Додека снаите одат во поворката со своите свекрви, кои им даваат упатства за поклонувањето, нивните мажи отстрана ја следат церемонијата.
„Кога слушнав дека одново се организира овој вековен ритуал посакав да учествувам во него, особено што и јас потекнувам од селото Конопница, а некогаш во поклоненичката поворка била и мојата баба. Одев рака под рака со мојата свекрва, и навистина беше многу возбудливо и возвишено. Можевме да ја почувствуваме заштитничката рака на Свети Теодор Тирон. Се надевам дека ќе бидеме благословени со пород“, рече една од поранешните учеснички на ова невестинско поклонение.
Ова е најголем празник на селото и сите гости се благословени од светецот.
„Поклонението е уникатен белег на Крива Паланка и село Конопница, а манифестацијата секоја година се надополнува со нови содржини и веќе прерасна во меѓународна културно-уметничка атракција. Секоја година имаме се повеќе заинтересирани невести кои учествуваат во поклоненичкото дефиле, а манифестацијата привлекува и се повеќе посетители и гости“, вели иницијаторот Стојанче Величковски.
На секоја невеста и се подарува поклоненичка марама и други подароци, а општината организира и заеднички ручек со сите учеснички.
(Ж.Ц.)
(Фото: Архива)