Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На локалитетот „Градиште“, во село Градец, Кривопаланечко, извршени се нови археолошки истражувања, кои се дел од повеќегодишниот континуитет на валоризација и заштита на ова вредно наоѓалиште.
Со истражувањата раководи Градски музеј Крива Каланка, во рамките на долгорочниот проект „Културно - историски парк „ГРАДЕЦ“ во с. Градец“, кој е од големо значење за развој на туризмот базиран на културно – историското наследство.
„Во најновата истражувачка кампања се работеше на просториите и археолошките ситуации покрај северниот бедем на наоѓалиштето, во согласност со дозволата за археолошки истражувања добиена од Управата за заштита на културното наследство. Притоа, се истражуваше хоризонтот од доцната антика и рановизантискиот период, односно културните слоеви под урнатинскиот слој, како и сукцесивниот предисториски хоризонт што следува под слоевите на доцната антика, каде во движниот археолошки материјал доминира фрагментирана садова керамика со предисториски карактеристики, истакнува директорот на кривопаланечкиот музеј Драган Величковски.
Новите истражувања, како што наведува тој, потврдуваат дека локалитетот претставувал исклучителен доцноантички и рановизантиски пункт во Североисточна Македонија, со една солидна археолошка стратиграфија, која на ваков мал простор ретко може да се сретне на локалитетите во нашата земја. Станува збор за големо утврдување изградено во тој период за кое ќе треба да се спроведат повеќегодишни истражувања и многу проекти со значителни финансиски средства.
„Првите археолошки истражувања започнаа во 2013 година. Градскиот музеј самостојно го спроведува овој проект, со стручна екипа, под раководство на археологот Цоне Крстевски и асистентот археолог Милан Митовски, а со поддршка на Министерството за култура и општина Крива Паланка. Останува ископувањата на терен етапно да се реализираат, како што ќе се обезбедуваат одобренија и средства, по што ќе следува фаза на конзервација. Потоа, ќе се иницира и туристичка промоција на локалитетот, бидејќи археологијата не е ништо доколку луѓето не добијат можност да ги видат сите тие вредности и културно-историски артефакти, а во овој случај самата тврдина во Градиште, вели Величковски.
Локалитетот „Градиште“ се наоѓа во значаен сакрален простор во селото Градец, покрај црквата „Св. Никола“, која датира од 19 век, а северно од Градиште, исклесана во карпа, се наоѓа и испосницата на путиножителот Св. Јоаким Осоговски, што дополнително ја зголемува комплексноста и атрактивноста на наоѓалиштето.
(Ж.Цветковска)