Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Крива Паланка става ред на улиците и тротоарите
Инспекциски контроли се спроведуваат во Крива Паланка за расчистување на улиците и тротоарите од паркирани возила, хаварисани возила, складирано огревно дрво, песок и други материјали, со кои се поречува нормалното одвивање на сообраќајот и движењето на пешаците.
„Граѓаните кои имаат оставено на јавни коловозни и тротоарски површини огревни дрва, приколки, хаварисани и нерегистрирани возила, песок, камења и друг материјал, заклучно со 27 ноември да ги отстранат од тротоарите и коловозните површини за да може непречено да се чистат и одржуваат овие јавни површини, односно несметано да може да проаѓаат возилата и механизацијата за одржување на јавната чистота и за зимско одржување“ стои во соопштението од општината.
Исто така, се известуваат и граѓаните сопственици и корисници на регистрирани возила да не ги паркираат на тротоарските површини покрај главната улица во градот на потег од влезот до излезот на градот, туку да ги користат најблиските паркинг места во градот.
Во тек е спроведување на инспекциски надзор и контрола на моменталната состојба на улиците од страна на општинските инспекциски служби и изрекување на усни опомени кон лицата кои имаат сторено недозволени дејства . Несовесните граѓани кои нема да постапат според укажувањата од општината, по истекот на наведениот рок ќе се соочат со можни санкции согласно законите.