×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Осоговскиот манастир - богатство на амбиенталност и монументалност

    29.08.2021 09:01 | Жаклина Цветковска

    Кога ќе стапнете на просторот на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ веднаш ве понесува магијата на амбиенталноста и монуметалноста, ве опива мирот и спокојот, ја чувствувате слободата и ја насетувате тишината на бесконечноста. Изобилието на дарот на природата и сакралноста на ова духовно светилиште ги оставаат без здив посетителите и верниците, а возбудата е особено присутна во деновите за време на патрониот празник на Осоговскиот пустиножител и заштитник на Крива Паланка, 29 август.

    Осоговскиот манастир - богатство на амбиенталност и монументалност

    Распослан во подножјето на Осоговските Планини, среде густата дабова шума, на само неколку километри од Крива Паланка, овој манастирски комплекс е еден од најмонументалните и најамбиентални манастири, кој плени со својата 10-вековна историја и импозантна композиција што го освојува просторот.

    Централно место на разиграниот просторен ансамбл зазема Големата манастирска црква, посветена на „Свети Јоаким Осоговски“, чие градење и живопис им биле доверени на најпознатиот градител Андреја Дамјанов и на зографот Димитрие Андонов Папрадишки. До неа се наоѓа малата црква „Рожденство на Света Богородица“ за која се претпоставува дека датира од крајот на 11 век и која исто така е живописана од Папрадишки, а зачувани се фрагменти од орнаментиката од најстариот живопис. Од придружната архитектонска композиција, пак, најзначаен е импозантниот трикатен конак, кој заедно со останатите профани и сакрални објекти, го исполнува просторот на манастирското опкружување.

    Во своето 10-вековно опстојување, манастирот никогаш не го нарушил своето духовно и културно живеење, а народот преку него ја градел својата вера и традиција. Како стожер на создавањето на смислата на животот, го пренесувал христијанскиот дух и опстојувал и во најтешките мигови. Доживува големи падови и подеми, разурнувања и возобновувања, но низ вековите низ неговите порти минувале бројни црковни и царски достоинственици, патеписци, државници, добронамерници. Манастирот е и место каде се родила просветната и патриотска дејност, а во 19 век во него престојувал и творел и првиот македонски книжевник и преродбеник Јоаким Крчовски.

    ПОД ЗАШТИТА НА ОТОМАНСКАТА ИМПЕРИЈА

    Посебноста на Осоговскиот манастир е и во тоа што тој е единствениот православен храм во кој може да се сретне турски заштитен знак, кој и ден- денес стои веднаш до големата манастирска црква. Овој камен-симбол (столпче со турбан на средината) сведочи за посебниот третман што го имал манастирот во текот на Османлиското владеење на нашите простори, а служел како заштита од негово уништување од тогашните турски власти. Се претпоставува дека знакот бил поставен пред околу еден и пол век, како забрана дека никој не смее да посегне по светоста на овој верски објект и по духовната сила на чудотворецот. На влезот на големата манастирска црква, пак, постои и запис, кој сведочи дека храмот бил ставен под заштита на султанот Хамид во 1884 година. Се смета дека и самиот ја доживеал немоќта на неговите аскери пред чудотворната моќ на Свети Јоаким Осоговски и потпишал „ираде“ за обновување на манастирот. Тој, со султанскиот акт, го ставил објектот под заштита на Отоманската Империја, што е прв и единствен случај од ваков вид во православните земји во кои таа владеела.

    УНИКАТНА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА

    Овој манастирски комплекс е извонредно место за одмор и релаксација. На располагање на гостите се објекти и апартмани со најсовремени стандарди од висока категорија, кои не се среќаваат во другите манастирски комплекси.
    Сите објекти се реновирани, стилски и амбиентално уредени , задржувајќи го историскиот контекст и архитектонската структура. Има парно греење, бањи и телевизори, ресторанска услуга , така што може да се задоволи вкусот и на најпребирливите гости. Особено пленат старите амбари кои се реновирани и адаптирани во апартмани и студија за творење. Туристите имаат целосна слобода во осмислувањето на престојот, меѓу кои се неизбежните прошетки и релаксацијата низ прекрасните предели на Осоговитето, читиот воздух, бербата на шумски плодови и лековити растенија, вкусување на традиционална храна од околните села и посета на туристичките локалитети на овој планински масив.

    СТОЖЕР НА КУЛТУРАТА И УМЕТНОСТА

    Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ е и познато културно средиште кое предизвикува силна творечка енергија. Во него се одржуваат значајни културни манифестации, симпозиуми, работилници, а некои од уметниците велат дека токму овде ги имаат создадено своите највредни дела, инспирирани од магијата на манастирското опкружување.

    Најдолга традиција има Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која годинава, во месец септември, треба да се одржи по 35-ти јубилеен пат. Оваа манифестација ги обединува уметниците од целиот свет, кои велат дека ги чувствуваат позитивните вибрации од автентичното културно и духовно наследство.

    „Уметниците делат се. Од лебот, виното, боите, платното, утринската роса, ја делат имагинацијата на духовната етапа на зададениот пат кон космичката бесконечност и откривањето на вистината“, вели координаторот на колонијата и автор на повеќе дела за „Свети Јоаким Осоговски“, д-р Јордан Михајловски, Американската уметничка Памела Тол од Северна Каролина забележува: „Овде се чувствувате поинаку, размислувате поинаку. Слободни како птица, можете да го допрете небото , да ја слушнете тишината. После „Свети Јоаким Осоговски“ ништо не е како порано“. Францускиот сликар Мишел Раби, пак, толку ќе се вљуби во ова место, што ќе го избере за свое вечно почивлиште.

    Според неговата последна желба, неговата урна е е расеана под една бреза во манастирската шума-омиленото место на овој сликар од Париз. До пред неколку години во манастирскиот комплекс традиционално се одржуваа и Интернационалната летна школа по архитектура, организирана од Архитектонскиот факултет од Скопје, како Меѓународната копаничарска колонија на Здружението на копаничари на Македонија. Копаничарите, во знак на благодарност, изработија и рачно резбан раскошен иконостас за црквата посветена на Осоговскиот светец.

    Посветеноста на ова духовно светилиште особено доаѓа до израз за време на патрониот празник, кога голем број верници и гости го посетуваат и му оддаваат должна почит. Општина Крива Паланка, пак организира повеќе манифестации во чест на заштитникот на градот. А овој светилник и паметник останува и понатаму да оддолева на сите искушенија и денес е е ден од најзачуваните и најпосетуваните манастиркси комплекси.