×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Петрунка Пепи Илиевска, патронажна сестра, две децении помага и носи радост на мајките и бебињата

    05.05.2021 09:38 | KumanovoNews

    Родена е на 5-ти мај, Светскиот ден на акушерките, по професија е акушерка и веќе 21 година како дел од Патронажната служба при Здравствениот дом од Крива Паланка им помага на мајките, бебињата и семејствата во основната здравствена грижа.

    Петрунка Пепи Илиевска, патронажна сестра, две децении помага и носи радост на мајките и бебињата

    За себе вели дека е родена патронажна сестра, премногу си ја сака својата професија, а нејзините штитеници, како што ги нарекува, ќе и недостасуваат многу, бидејќи наскоро ќе се пензионира, по цели 43 години работен стаж. Сепак, сака да помага и понатаму, во рамките на своите можности, да ги дели советите, грижите и емоциите со луѓето кои ќе побараат помош и поддршка од неа.

    По повод Светскиот ден на акушерките, разговаравме со Петрунка Илиевска - Пепи, акушерка од Крива Паланака, која своите професионални обврски не ги спроведува во Здравствениот дом, туку во домовите на пациентите и граѓаните како патронажна сестра.

     „Нашата работа е теренска, ние сме продолжена рака помеѓу лекарот и пациентот. Како дел од примарната здравствена заштита имаме обврска да ја следиме ризичната бременост, да ги посетуваме леунките, новороденчињата, да им даваме совети на младите мајки, да ги учиме на правилно доење и исхрана, да се грижиме за болните и старите лица, но и да ги откриваме евентуалните аномалии и ризици за нивното здравје, вели Илиевска.

    Таа посочува дека работата на патронажната сестра е високо професионална, а сите посети и податоци за семејствата ги чуваат само за себе. Интересно е што на почетокот сами морале да ги бараат и откриваат бремените и породени жени, а секогаш постоела несигурност како ќе бидат примени од семејствата. Овој проблем е надминат преку воспоставена соработка со матичните гинеколози и педијатри, кои им праќаат листи на пациенти, но и понатаму останува неизвесноста од првата средба и приемот кај штитениците.

    „Во нашата работа најважно е да воспоставиме соодветен контакт. На почетокот има одредена резерва и воздржаност кога влекуваме во некои семејства, но бргу стекнуваат доверба, сфаќаат дека сме тука да им помогнеме и прашуваат кога ќе дојдеме пак. Не може да се измери задоволството кога тажната насмевка со која не пречекуваат, особено старите болни лица, се менува со радост и широка насмевка кога ве испраќаат. Целиот мој работен век го посветив на тоа, да видам среќа и надеж во очите на моите пациенти, вели Пепи.

    Таа посочува дека за оваа работа е потребна точност, педантност, трпеливост, почит кон пациентите, но и кон себеси. Се води унифицирана евиденција и администрација на ниво на државата, со која вели многу е подобрена и поефикасна работата на патронажните сестри. Секогаш одат најавени во домовите на пациентите, а ако евентуално тие одбијат да комуницираат со нив или да ги примат во својот дом, мора да ја почитуваат нивната одлука.

    Патронажната работа не е лесна. Крива Паланка е поделена на 4 реони во кои одат патронажните сестри, опфаќајки ги и урбаните и руралните реони. Пепи секој ден е на терен, често мора да оди пешки заради непристапни терени, во неповолни временски услови, да гази кал, да ја лаат кучиња. Но, преголемата љубов кон професијата ги надминува сите пречки.

    „Мојата работа е сложена, потребна е голема трпеливост и истрајност, но јас премногу ја сакам и затоа ништо не ми е тешко. Дури и попладне, во вечерните часови да ме повикаат, никогаш не одбивам да им пружам помош на оние на кои им требам. Кога ќе земам во раце некое бебе и ќе демонстрирам правилно бањање нема поголемо исполнување за мене. А кога ќе ги видам родителите среќни и спокојни, срцето ми е исполнето, а денот преубав“, раскажува Илиевска.

    Поради корона кризата моментално Пепи не оди на терен, заради почитување на протоколите, но ја продолжува комуникацијата со своите штитеници преку телефон. Често и праќаат и слики да види дали папочето на некое новороденче добро зараснало, се води грижа за нивната имунизација, за мајчините грижи. Сепак, смета дека ништо не може да ги замени непосредните средби.

    „Некои знаат да речат дека сега има се на интернет и нашите совети и помош не им се потребни. Но, не е така. Незаменливо е практичното искуство и заедничката размена на мислењата околу дилемите што се јавуваат“ вели Пепи.

    За неа е многу важно што патронажната служба во државата функционира беспрекорно и што си даваат меѓусебна поддршка. Особено ја истакнува соработката од главната патронажна сестра Лиле од Куманово, која секогаш била тука да ја посоветува и да и даде насоки кога се соочува со некоја деликатна ситуација. Особено, пак, е горда на освоената втора награда што и ја доделило Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија во 2015 година, а ја добила за поддршка на семејствата и децата со пречки во развојот. Таа ја презентирала нејзината работа со дете со посебни потреби, каде постигнала позитивни резултати и се создала взаемна приврзаност.

    „Кога ќе се спомене патронажна сестра, најчесто се мисли на сестра која се грижи за здравјето на леунките и новороденчињата. Но, нашите задачи се многу повеќе од тоа. Ние се грижиме за децата во текот на целиот нивен раст и развој. Многу често ние сме тие кои ги откриваме првите знаци на страбизам, исчашени колкови, искривување на рбетот, неправиле развој... и делуваме превентивно и правовремено да укажеме на овие аномалии. Но, нашата работа не завршува тука. Откриваме и проблеми во домот, во односите на семејствата, обидите или случаи на семејно насилство. За сите работи соработуваме со соодветните институции и нивно соодветно разрешување“ објаснува Пепи.

    Во својот работен век им помогнала на многу луѓе со своите стручни и практични совети. Особено во средините со ниска здравствена едуцираност и лоша социјална положба како што се ромската заедница и ридско-планинските подрачја. Денес го носи епитетот на најмилата и најпосакувана патронажна сестра, секогаш ведра, насмеана, кротка и доверлива. Посебно е горда што дел од бебињата кои некогаш ги капела денес се нејзини колеги и заедно одат на терен. На младите патронажни сестри, пак, им порачува да ги следат искуствата на постарите, да учат и да бидат максимално посветени на работата.

    Како вистинска вљубеничка во својата професија, која за некој месец ќе замине во пензија, работата многу ќе и недостасува. Затоа, и понатаму ќе им биде на располагање на луѓето кога ќе побараат помош, а најмногу за нејзините штитеници со кои изградила однос на доверба и пријателство.

    Илиевска скромно кажува дека Денот на акушерките секогаш паѓа во „сенка“ покрај Денот на медицинските сестри, „12 Мај“. Затоа, вели дека најубав подарок, после 43 години работен стаж, 21 година како патронажна сестра и за пензионирањето е вреднувањето на нејзината работа и пожртвуваност преку објавувањето на нејзината приказна на Кумановоњуз.

    (Жаклина Цветковска)