Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 53-годишна возраст ненадено почина Борјанчо Мицевски, поранешен градоначалник на Општина Крива Паланка.
Мицевски ја предводеше општината во периодот од 2017 до 2021 година, а ќе остане запаметен по длабоката посветеност на развојот на градот и предаденоста на потребите и интересите на граѓаните.
Неговите сограѓани ќе го паметат како скромен, љубезен и ненаметлив човек, крајно внимателен кон сите, но истовремено и енергичен, одговорен и непоколеблив во своите напори да ја направи Крива Паланка достојно место за граѓаните и пример за град со европски вредности.
Основно и средно образование завршил во родниот град Крива Паланка, а дипломирал на ПМФ во Скопје, насока хемија, во 1996 година. По дипломирањето работел на повеќе работни позиции: во невладиниот сектор како претседател на Регионалниот центар за одржлив развој Кратово, в.д директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, член на Советот на Општина Крива Паланка и друго.Смртта го затекна на работнто место во Образовен едукативен центар „Семос едукација“.
Како член на СДСМ ги минува сите скалила во партијата, бил претседател на Општинската организација во Крива Паланка, а градоначалник на Општина Крива Паланка станува на локалните избори во 2017 година.
Мицевски беше посветен сопруг и татко на две прекрасни деца, ќерката Горјана и синот Матеј.
Неговото животно мото беше „Животот е голема борба“ , која за жал ја заврши прерано.
Неговите соработници и сограѓани со тага и неверување ја примија веста за неговата препрана смрт и со тага и неверување се простуваат од него на социјалните мрежи.