Пожарите кај манастирот Матејче и Стрима сè уште активни, неопходно гасење од воздух
Шумските пожари кон манастирот Матејче и во селото Стрима сè уште се активни и потребно е да се гаснат од воздух, информира Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК).
Во Матејче биле ангажирани три екипи од Шумско стопанство – Куманово, но поради непристапноста на одредени делови од теренот, екипите не биле во можност целосно да го локализираат и се повлекле од местото. Согласно добиената информација, за ефикасно гаснење на пожарот е потребно ангажирање на авион.
Во с. Стрима, Општина Липково, пожарот се доближил до куќите и бил изгаснат од жители на селото.
„Но, во повисоките делови на планината, на местото викано „Црвен Камен“ пожарот сè уште е активен. И во овој дел теренот е непристапен за интервенција од страна на екипите на терен, поради што евентуалното гаснење би можело да се изврши со авион. За состојбата се известени ТППЕ – Куманово, ДЗС – Куманово, Шумско стопанство – Куманово и Општина Липково“, соопшти РЦУК.
Во Општина Липково, пожар имало и кај муслимански гробишта во с. Матејче и во с. Ваксинце.
Во Кумановскиот регион вчера на седум локации горела сува трева и стрништа. Противпожарната единица интервенирала на ул. „Ѓорѓе Петров“, на локацијата кај Туш маркет, во Индустриската зона, кај Лидл маркет, Поток Серава, Пчински пат, с. Љубодраг, во близина на фотоволтаиците над Поток Серава и покрај автопатот Куманово - Скопје.
Во Старо Нагоричане интервенирано е во с. Враготурце на запалена сува трева, сено и стара плевна. Во гаснењето на пожарот помогнале припадници на полицијата, како и жители од селото.