Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Воведена е привремена забрана за движење на возила и пешаци на локалните патните правци кон излезот на градот и кон манастирот Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка, поради штетите нанесени од силното невреме што вчера ја погоди општината.
Општинскиот кризен штаб донесе решение за привремена забрана за користење на т.н. Шаров мост во населбата Мизовски ливади од безбедносни причини. Поради високиот водостој на Крива Река има оштетувања на конструкцијата на мостот, а забраната ќе трае додека не завршат градежните работи за негова санација. Жителите ќе можат да го користат алтернативен пат- кракот од земјениот пат, десно од магистралниот пат А2 , по течението на Крива Река.
Забрана за сите видови сообраќај е донесена и за патниот правец Крива Паланка-село Варовиште (стар манастирски пат), од големата кривина до влезната капија на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, поради појава на свлечиште. На оваа делница оштетен е асфалтот кој е целиот вон употреба. Поставена е сообраќајна сигнализација за ограничување на движењето.
По синоќашното невреме сите екипи се мобилизирани и работат на расчистување и санација на штетите. Водостојот на Крива Река е намален за околу 70 см, а речното корито во централното подрачје веќе е расчистено.
Се уште се активни 10-тина свлечишта, а поради однесениот мост и понатаму се отсечени жителите од селото Т’лминци.
Општина Крива Паланка доцна синоќа ја посетија директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и директорот на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта- Македонија пат, Костадин Ацевски.
Општинскиот кризен штаб закажа нова седница за 18 часот, а во меѓувреме се прави и анализа на штетите и последиците од невремето.