Мени

Четворица поединци и три правни субјекти добитници на Ноемвриската награда во Куманово

05.11.2026 10:44 | Сузана Николиќ

Највисокото општинско признание на Куманово - 11 Ноември за 2026 година ќе ја добијат четворица граѓани и три правни субјекти.

Четворица поединци и три правни субјекти добитници на Ноемвриската награда во Куманово

Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија на Советот на Општина Куманово, вчера ги разгледала пристигнатите 23 номинации, по што одлучила да додели седум ноемвриски награди.

Добитници на поединечно признание се Стојанка Стојковиќ, поранешна управителка во компанијата Екстра Меин, Марина Цветановска - Мартиновска, уметница, Шенаси Јусуфи, специјалист педијатар и Бошко Тасиќ, спортски новинар.

Во категоријата на правни лица КУД „Панче Пешев“, спортски клуб КИК бокс  „Предатор“ и архитектонско биро „Урбан ИНГ“.

Претседателот на комисијата Самет Салиевски, кажа дека оваа година имале 23 кандидатури, и дека по расправата сите членови едногласно ги поддржале добитниците. 

„Од нив 17 беа поединечни, а 6 правни лица. Комисијата гласаше за секој поединечно откако ги разгледавме пријавите, и на крај беа изгласани најдобрите. Буџетот за паричната награда е 100.000 денари кои ќе бидат поделени на четворицата добитници поединци“, кажа Салиевски.

Ноемвриската награда е највисокото признание на Општина Куманово што се доделува на истакнати поединци, претпријатија, организации, здруженија и заедници за постигнати посебни резултати во работењето и дејствувањето во стопанските и вонстопанските дејности, во едногодишен или повеќегодишен период.

Во огласот за наградата е наведено дека делото и достигнувањата на авторот или организацијата треба да бидат поврзани со Куманово. Право да предлагаат кандидати имаат претпријатија, установи, здруженија, месни заедници, групи граѓани и поединци.

Големиот број на пријавени покажува дека оваа награда има големо значење кај кумановци.

Правните субјекти ќе добијат диплома и плакета, а физичките лица и парична награда, кои ќе им бидат доделени на свечената седница која ќе одржи на 11 Ноември - Денот на ослободувањето на Куманово.