×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Професорка по француски јазик одликувана со орден - Витез од редот на академските палми на Франција

    05.10.2021 07:12 | Жаклина Цветковска

    Елена Николовска, професор по француски јазик во ООУ„Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка и истакнат франкофон е одликувана со Орден - Витез од редот на академските палми, кој го доделува Република Франција на професори и академици за вонредна посветеност во служба на францускиот јазик, култура и држава.

    Професорка по француски јазик одликувана со орден - Витез од редот на академските палми на Франција

    Ова престижно признание и беше врачено деновиве на свеченост организирана во резиденцијата нa Република Франција во Скопје од страна на амбасадорот Сирил Бомгартнер.

    „Одликувањето е остварување на мојот сон, уште од времето кога се двоумев помеѓу математиката и францускиот јазик. Од почетокот на мојата кариера добивав безусловна поддршка од Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, кои ми овозможија да учествувам во бројни проекти и натпревари организирани од Министерството за образвание и наука, Здружението на професори по француски јазик и Меѓународната организација на франкофонијата. Благодарение на сите нив, постојано ги следам националните и меѓународни стандарди во изучувањето на францускиот јазик и ги подобрувам моите вештини со најиновативни педагошки методи. Со гордост можам да кажам дека ќе продолжам да им ја пренесувам љубовта кон францускиот јазик-јазикот на иднината, на моите ученици, кои активно учествуваат и остваруваат најдобри резултати на многу натпревари“, вели Николовска.

    Редот на академските палми е воспоставен во 1808 година од императорот Наполеон како одликување во чест на еминентни членови на Универзитетот во Париз. Тој претставува национален ред за истакнати академици и наставници за вредни заслуги на универзитетите, образованието и науката, а од 1866 година се доделува и на странци, како и на француски иселеници. Сегашната форма на Редот на заслуги, пак, е реформирана во 1955 година од претседателот Рене Коти, со што станува еден од најстарите граѓански почести на француската република. Одликувањето го доделува Министерството за образование на Франција по претходно формално одобрување од францускиот претседател.

    Како титула на чест, Николовска ја добива заслужено после 13-годишна континуирана работа, професионална обука, креативни и иновативни наставни методи за доближување на францускиот јазик до учениците, унапредување на воспитно-образовниот процес, но и за бројни организирани настани за промоција на франкофонијата.

    „Вие сте брилијантна професорка, која совршено ги владее двата јазика, суштински партнер на нашата институција. Амбасадата на Франција знае дека може да смета на вас за да го продолжи ветувачкиот пат посветен на ширењето на францускиот јазик и култура. Зрачите со енергија која ги инспирира вашите ученици и со упорност која и дава живост на франкофонијата во Крива Паланка“, истакна меѓу другото амбасадорот на Франција во РСМ, Сирил Бомгартнер при доделувањето на одликувањето.

    Амбициозната професорка во 2014 година е назначена и за Амбасадор за француски јазик на Македонија, титула што ја добива за време на Светскиот натпревар„ Bonjour de France“ на Азур лингва во Ница. Таа е меѓу тројцата франкофони во светот, заедно со колегите од Египет и Луксембург, кои досега се имаат стекнато со оваа титула за промоција на вториот по распространетост јазик на говорење меѓу најразличните светски нации.

    „Познавањето на англискиот јазик е успех, но познавањето на францускиот јазик е вистинско богатство. Немаме потреба да зборуваме француски, туку имаме потреба од францускиот јазик за да зборуваме. Тоа е мое мото, а моја задача е да го приближам јазикот на франкофонијата до професорите, учениците и до граѓаните за да ги поттикнам да се надградуваат, да го збогатуваат знаењето и да се натпреваруваат“, вели Николовска.

    Нејзина најголема заслуга е што денес Крива Паланка е македонска лулка на франкофонијата, а на франкофонските вечери, кои станаа познати во земјава и меѓу франкофоните, редовно присуствуваат француските амбасадори.

    Нејзината активна соработка со француската амбасада, започнува при крајот на мандатот на амбасадорот Лоранс Оер, а особено плодна и блиска соработка има со претходниот амбасадор Кристијан Тимоние, со кој реализираат значајни проекти и настани. Продолжувањето на оваа традиција ја вети и новиот амбасадор Бомгартнер.

    „Франкофонските вечери се само комплетна слика на сиот вложен труд, кративност и атрактивни методи за да се поттикне интересот и љубовта на учениците кон таканаречениот „јазик на аристократијата“. Секогаш се трудиме да понудиме нешто ново, интересно, како музички хепенинг, драматизации, игри, уметнички творби, поезија, кампањи за подигање на свеста за климатските промени и слично. Но целта секогаш ни е да го претставиме во најдобро издание знаењето и изразувањето на францускиот јазик и култура“, посочува Николовска.

    Благодарение на длабоката посветеност, динамичност и иницијативност на харизматичната и обожувана професорка, младите од Крива Паланка покажуваат се поголем интерес за франкофонијата, а јавноста се повеќе дознава за францускиот јазик преку нивните проекти, но и добиените награди и признанија од бројни домашни и меѓународни натпревари, меѓу кои програмите „Семантис“ и „Интерлан“. Всушност, учениците велат дека се вљубуваат во францускиот јазик и француската култура, затоа што се „вљубуваат“ во темпераментот, позитивниот пристап и мотивирачки став кон франкофонијата и воопшто кон образованието на младите на извонредната наставничка Николовска, која го промовира францускиот јазик и во најоддалечените рурални училишта.

    „Ако им се доближи на вистинскиот начин и ако им се откријат сите можности што им се нудат при изучувањето и образувањето, тогаш учениците сфаќаат дека овој мелодичен и прекрасен јазик не е тежок за изучување и дека неговото познавање е задоволство и привилегија за секоја личност“, тврди Николовска.

    Покрај богатото искуство на обуки и натпревари во Ница, Виши, Софија, Скопје и други градови, Елена има и сопствен блог, кој, исто така, е избран за најдобар блог, заедно со блоговите на колегите од Египет и Луксембург. Целта на блогот е да се презентираат креативни методи што ќе ги поттикне франкофоните да се вклучат во него, да креираат лични блогови, да разменуваат идеи и да соработуваат со своите колеги од целиот свет.

    Истовремено, Николовска активно соработува и со Фондацијата „Бел идеал“ од Париз преку која обезбеди донација на книги на француски јазик за ООУ„Јоаким Крчовски“, СОУ„Ѓорче Петров“ и Градската библиотека при Центарот за култура од Крива Паланка. Воедно, беше иницијатор и е најзаслужна и за донацијата од 3 тони училишна и спортска опрема за ООУ„Јоаким Крчовски“, обезбедена од тимот на Европска туристичка авантура Јуроп рејд (Europ`Raid) од Франција.

    Сите врвни постигнувања на Николовска, со право ја сместуваат меѓу најуспешните, но и најомилените франкофони во земјава, позната по нејзината страст за негување и промоција на францускиот јазик и култура. И амбасадорот Бомгартнер ќе рече дека нејзината карактерна особина – упорноста, што можеби значи да се биде тврдоглав, а некогаш и инаетлив, е благородна и е клуч на нејзиниот успех.

    „Слушнав дека не се откажувате лесно. Ви велат не, вие велите да, ви повторуваат не, вие повторувате да. И само така работите одат напред, а вашето творење е благородно и не ви недостасува верба. Затоа, денес франкофонијата во Крива Паланка не е сон, туку убава реалност“, потенцира амбасадорот Бомгартнер.