×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Промовиран првиот самостоен албум на џез музичарот Гордан Спасовски

    16.05.2021 14:17 | KumanovoNews

    Џез музичарот Гордан Спасовски од Крива Паланка, синоќа го промовираше својот прв самостоен албум „Light Pillar“, кое е воедно второто издание на Здружението на џез музичари Рекордс.

    Промовиран првиот самостоен албум на џез музичарот Гордан Спасовски

    Промоцијата се одржа пред платото на Младинскиот културен центар и кино „Фросина“ во Скопје, во рамките на петтото издание на ‘Today it’s all about jazz’.

    Гордан Спасовски е комплетен композитор, аранжер и продуцент на овој авторски проект. На албумот се вклучени осум џез композиции. Од нив две се соло пијано, а една е вокално-инструментална композиција во кој Џон Илија Апелгрен се јавува во улога на наратор на поемата “Надвор од времето” од збирката “Преместен камен” на реномираниот македонски поет Никола Маџиров. Останатите пет композиции се изведени со неговиот стандарден трио состав - Кирил Туфекчиевски на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.

    „Композициите се инспирација од различни временски музички премрежја, доведени во една целина, со 'светлосниот сноп’ како симбол кој е двигател на неговата музичката креација“, посочуваат од Здружението на џез музичари и слободни уметници.

    Уметничките дела, што се појавуваат на каверот на албумот, се со потпис на Кирила Цветковска и Роберт Цветковски. Материјалот е снимен во Knobs keys n’ stuff студио од страна на Бојан Филиповски, додека миксот и мастерингот се на Ангел Ќосев - The Basement studios.

    Гордан Спасовски е успешен и вонредно талентиран џез пијанист, композитор и аранжер, со диплома за најдобар студент од Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија. Тој веќе ја има освоено македонската и европска сцена преку бројни настапи на џез фестивали, како што се Belgrade Jazz Festival, Trieste Loves Jazz - International Jazz Festival,

    Venezia Jazz Festival, Brasov International Jazz Festival, Skopje Jazz Festival и голем број концерти во престижни европски џез клубови меѓу кои Jazzclub Unterfahrt München, B-flat Jazzclub - Berlin, Blue Note - Osnabrück итн. Има настапувано со значајни музички имиња меѓу кои Randy Brecker, Sheila Jordan, Don Menza, Владимир Николов, Мартин Ѓаконовски, Џон Илија Апелгрен, Биг Бендот на ЗЏМ, The Backyard Jazz Orchestra, Cuckoo Rack, Гоце Стевковски - Септет, Џијан Емин и Магичниот оркестар, Македонската филхармонија итн.

    Со својот стандарден трио состав, (Спасовски, Туфекчиевски и Филиповски) ја доловуваат автентичноста и виртуозноста на современиот македонски џез призвук и се често застапени на џез сцената со самостојни концерти или како придружба на повеќе македонски џез артисти и ансамбли.

    Фото: JOVAN JON

    (Ж.Ц.)