Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вкупно 115 нови случаи на заболени од ковид-19 се регистрирани во Крива Паланка за последните 10-тина дена, што претставува најголем бран на ширење на вирусот од почетокот на пандемијата. Денеска е регистиран еден починат и 5 новозаболени.
Изминатите денови се регистрираат двоцифрени бројки на новозаболени, а алармот беше вклучен завчера кога е забележан 21 случај на позитивни лица на ковид-19.
Иако само пред две недели, состојбата беше стабилна, а бројот на активни случаи се намали на околу 40-50 лица, сега повторно се бележи рапидна ескалација на новозаболени, а бројот на активни случаи се искачи на 114, што значи повече од двојно зголемување. Во истиот период 18 пациенти оздравеле, а двајца починале.
Минатата недела, Општинскиот кризен штаб апелираше заболените да не го злоупотребуваат времето за контроли или примање на терапија во Здравствениот дом во Крива Паланка за пазарување и шетање, со што го ја зголемуваат опасноста од ширење на вирусот и загрозување на здравјето на граѓаните. Кризниот штаб побара и засилени контроли од страна на надлежните институции, како и да се обрне внимание при правењето на епидемиолошките анализи и контактите со позитивните лица за да се добие поширока слика за постапување и сузбивање на дополнителни нови случаи.
Од почетокот на пандемијата во оваа општина има вкупно 875 регистрирани случаи на заболени од коронавирусот, оздравени се 719, а 38 се починати.
Од неодамна во Здравствениот дом се прават само брзи тестови, додека за ПСР тест или доколку е потребно болничко згрижување пациентите се упатуваат во здравствените установи во Куманово и Скопје. Полесните случаи се лекуваат во домашни услови, а потребната терапија им ја даваат тимови од Здравствениот дом Крива Паланка.
(Ж.Ц.)