Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со повеќе инвестициски зафати интензивно се гради и доуредува комуналната инфраструктура во Крива Паланка. Истовремено се одвиваат градежни активности на повеќе локации, со кои се решаваат проблемите од комуналната сфера за жителите и за развој на општината.
„Во изминатите неколку години Општина Крива Паланка посветено работи на заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живеење и урбаниот изглед на градот. Во таа насока се преземаат интензивни активности за изградба на канализациска мрежа во неколку приградски населби, како и други значајни инфраструктурни проекти“, вели градоначалникот Борјанчо Мицевски.
Веќе е завршена изградбата на канализациска мрежа за отпадни води за населба „Крстата Падина“ во село Градец, во должина од околу 1 км, каде се вложени околу 1,9 милиони денари, обезбедени од Бирото за регионален развој и Општина Крива Паланка. Со канализацискиот систем се опфатени околу 40-тина куќи со околу 150 жители.
Во тек е и изградба на канализациска мрежа во населбата „Мезовски Ливади, во должина од околу 1 километар, за која се обезбедени 2.3 милиони денари, а градежните работи се очекува да бидат завршени до крајот на овој месец.
Со средства од Владата на РСМ , преку Министерството за транспорт и врски, во висина од околу 6.000.000 денари, пак, започна изградба на фекални колектори во населбите „Бурови Бавчи“ и „Бојанов Дол“. Се очекува тие да бидат завршени до јуни оваа година, со што ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на овие две населби.
Истовремено, се одвиваат и активности за изградба на потпорни стени на неколку локации, уредување на мини детски парк во населбата „Скрљава“, се вршат подготвителни активности за изградба на крак за канализација на локалитетот „Цонев Рид“, санација на инсталации на улицата „Ристена Гогова“ и санација на клучката во населбата „Домачки Дол“, каде епредвидена и велосипедска патека.
„Општина Крива Паланка подготвува и соодветна техничка документација за претстојниот јавен повик од МЖСПП за третман на отпадни води и изградба на пречистителни станици, со што целосно и трајно ќе се реши овој проблем во урбаниот дел на градот“, велат од општината.
Значајни инвестиции се и уредувањето на новиот Градски плоштад, Градскиот парк и коритото на Крива Река, како и други градежни активности за изградба на комуналната инфраструктура во селските населби.
„Градиме по план низ целата општина. Капиталните проекти продолжуваат со забрзана динамика и посветено ја градиме нашата општина по европски пример“, вели градоначалникот Мицевски.
(Ж.Цветковска)