Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пораката „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“, им беше пренесена на учениците и другите жители на општина Липково. Вчера во селото Слупчане се организираше кампањата за подигнување на свеста за опасностите од неовластено пукање, на кој присуствуваа ученици и персонал од училиштата во Липково, советници во општината, како и членови на месните заедници.
Претставници на СВР Куманово одржаа кратка лекција за последиците од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје. Колку далеку може да „патува“ куршум испукан во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје, се само дел од прашањата што беа дискутирани на настанот.
„Секој куршум испукан дури и во воздух мора да заврши некаде и може да доведе во опасност нечиј живот. Употребата на оружје е дозволена само на лиценцирани места - полигони, а физичките лица кои имаат лично оружје и кои поседуваат дозволи, треба да го чуваат на безбедни места. Секторот за внатрешни работи Куманово континуирано презема мерки и превентивни активности за откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир. Сепак, безбедноста на граѓаните не зависи само од една институција, туку и од свеста и однесувањето на секој од нас поединечно“, рече помошникот-началник на СВР Куманово, Севдаиљ Џафери.
Настанот, организиран во соработка со Општина Липково, е дел од кампањата „Секој куршум има мета. Слави со срце, не со оружје“ што ја спроведуваат МВР и УНДП.
„Целта на овој настан е да ја подигнеме свеста на граѓаните за последиците и опасностите кои демнат при употреба на оружје на семејни прослави. Последиците се сериозни – на овој начин прославата многу лесно може да се претвори во трагедија. Семејствата треба да влијаат врз своите блиски и да не оправдуваат користење оружје како средство за славје. Освен што е опасна, употребата на огнено оружје е нелегална и затоа ние како општина апелираме до граѓаните да прославуваат со срце. Сите знаете, но да ве потсетам, животот е најскап дар за сите“, рече градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.
На денешниот настан уште еднаш беа прикажани видеоматеријалите што ги подготвија МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението. Беше поставена и изложбата насловена „Што ако...?“ со наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми. Идејата на оваа изложба е да се запрашаме колку лесно ги одминуваме ваквите вести, без притоа да помислиме што ако беше погоден човек. Целта е да се промени оваа перцепција и да се поттикне пријавување и осуда на секое неовластено користење огнено оружје.
„Сигурна сум, ниту една мајка нема да го одобри пукањето на прослава, ако знае дека мета може да биде детската соба на нејзиното бебе. Ниту еден татко нема да чува пиштол дома, ако знае дека неговиот син во детска игра може да го загуби животот. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука. Славете со срце, не со оружје!“, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ.