Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Природните убавини на локалитетот Станечки водопади во с.Станци, Кривопаланечко, ќе станат достапни за љубителите на природата и туристите преку обезбедување на пристап и соодветна инфраструктура.
Локалитетот ќе биде уреден преку проектот „Connecting Pearl – Да ги поврземи бисерите“, финансиран од Програмата за погранична соработка помеѓу Србија и РСМ на ЕУ, што ќе го реализира Oпштина Крива Паланка, во партнерство со град Лесковац и Центарот за развој на Пчињско – Јабланичкиот регион. Вкупниот буџет на проектот изнесува 236.000 евра, од кои 50% се наменети за реализација на активностите во Крива Паланка.
Со проектот планирана е изградба на пешачко-рекреативна патека, во должина од околу 4,3 км, која ќе почнува од училиштето во с.Станци до локалитетот Станечки Водопади, и понатаму ќе се поврзува со локалитетот Калин Камен на Осоговските Планини. Истовремено, на овој потег, ќе биде поставена и урбана опрема, клупи и места за одмор, платформа за набљудување на водопадот, како и други содржини кои ќе го збогатат амбиентот.
Во рамки на проектот, во Крива Паланка ќе се одржи и тридневна и манифестација „Зелен викенд“ , а ќе бидат спроведени и и повеќе иновативни решенија кои ќе придонесат за подобра промоција на туристичките потенцијали на овој прекуграничниот регион.
Локалитет Станечки водопади се наоѓа на северниот дел на Осоговскиот масив, кај с. Станци, на надморска височина од околу 1000 m до 1300 m. Просторно зафаќа дел од сливот на Станечка Река, односно нејзината притока Козја Река, на површина од 1.5 km.
Најинтересен објект е ерозивниот водопад на Козја Река, кој се наоѓа на 1160 m н.в. и функционира во текот на целата година. Неговата вкупна височина изнесува 14 m, по што е најголем постојан водопад на Осоговието. Во подножјето, со вртложното движење на водата е создаден голем џиновски лонец.
Водопадот се наоѓа во импресива природна околина, опкружена со густа букова шума, што му дава посебна убавина.
(Ж.Цветковска)