Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Подобрувањето на условите за работа и опремувањето на полициските служби се дел од системските реформи што ги спроведува МВР за зајакнување на ефикасноста на полицијата и безбедноста на граѓаните, истакна министерот Оливер Спасовски при денешната посета на Крива Паланка, по повод завршните работи од реконструкцијата на Одделението за внатрешни работи.
Реконструкцијата на објектот на ОВР Крива Паланка, кој се реновира по цели 30 години, чини околу 9 милиони денари, обезбедени од МВР, а градежните работи се при крај. Санацијата на градежниот објект е завршена за само два месеци, а градежно- занаетчиските работи опфаќаат санација на кровната конструкција, комплетна замена на старите дрвени прозорци со нови ПВЦ прозорци, замена и санација на внатрешните врати, како и на подрумските и просториите за приведување. Изработена е и комплетно нова фасада и нов пристап за управните служби, каде е поставена и пристапна рампа за лицата со физичка попреченост, како и мерки за енергетска ефикасност и за заштита на животната средина.
-Очекувам сето ова да придонесе за што поквалитетно професионално извршување на работните задачи и активности на вработените во ОВР Крива Паланка и уште поуспешни резултати во сите сегменти од нивната надлежност, - посочи министерот Спасовски.
Тој истакна дека во изминативе четири месеци реконструирани се и Полициско одделение Жеровјане, ОВР Кавадарци,а во тек се реконструкциите на ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар. Спасовски ги промовираше и петте набавени пловни објекти за зголемување на ефикасноста на езерската полиција.
Истовремено, посочи дека се набавуваат и униформи и опрема за полициските службеници, сѐ со цел создавање модерна, опремена, стручна и ефикасна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните.
Во придружба на министерот Спасовски беа и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и заменик директорот на Бирото за јавна безбедност Ариф Асани. Тие им ја честитаа Новата 2021 на полициските службеници и на кривопаланчани и положија свежо цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полицијата во конфликот од 2001 година.
(Ж.Ц.)