Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците од здравствената струка во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка ќе можат да изведуваат практична настава во современиот Центар за дијализа „Диаверум“, откако двете институции потпишаа договор за соработка.
„Диаверум е најнова во листата здравствени установи од приватниот сектор со која училиштето потпишува меморандум за соработка, и каде учениците ќе можат да се обучуваат за да бидат успешни медицински лица. Постојано сме во комуникација со сите институции и компании што можат да придонесат за поквалитетно практично усовршување на учениците од стручните паралелки и на идните средношколци им нудиме одлични услови за настава и надградба на знаењата“, вели директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Елена Ѓоргиевска.
Фросина Ефремовска, менаџерка на клиниката „Диаверум“ во Куманово и Крива Паланка, посочува дека како општествено одговорна компанија, покрај својата основна дејност - дијализа, нефролошки амбуланти и грижа за своите пациенти и вработени, постојано се спроведуваат и различни активности за подигнување на свеста на луѓето за сопственото здравје.
„Во Крива Паланка имаме соработка со локалната заедница, а со СОУ „Ѓорче Петров“ најдовме заеднички цели и идеи за учениците од медицинската струка. За нас соработката е можност да го пренесеме нашиот концепт на идните здравствени работници , а тоа е концепт на вистинска грижа и високо ниво на медицинска нега. За училиштето ова подразбира непосредна можност за едукација, пракса и поблиску запознавање на работата во еден современ дијализен центар, но и важноста на едукацијата, превенцијата и подигнување на свеста за здравјето, рече Ефремовска.
За учениците од медицинска струка веќе е организирана посета на Центарот за дијализа во Куманово, а се планираат и активности поврзани со дијабетот и дијабетичарите во општината.