Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Целовечерен концерт „Традицијата патува“, на кој учествуваа Ансамбл „Македонија“ и Австралиско-македонската младинска асоцијација (АММА) „Никола Карев“, се одржа вчера во Центарот за култура Крива Паланка, и ја воодушеви кривопаланечката публика со моќната изведба на традиционалните песни, ора и музика.
Настанот беше организиран како дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“, со цел да се презентира богатството на традиционалната македонска култура.
„Традицијата патува е проект поддржан од Министерството за култура, со кој ансамблот „Македонија“ веќе неколку години организира концерти низ целата држава. Овојпат, заедно со колегите од АММА „Никола Карев“ од Мелбурн, Австралија, настапуваме во повеќе градови низ Македонија, поточно во Кратово, Крива Паланка, Пробиштип и Вевчани“, изјави уметничкиот менаџер на ансамблот „Македонија“, проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Ансамблот „Македонија“ постои веќе 11 години и е составен од студенти, уметници од сите четири години на музичката академија, но и од постдипломци и докторанти. Интересот за македонската култура и традиција, како што вели Јаневски, постојано расте, а Ансамблот „Македонија“ е познат како културен амбасадор на македонската традиционална игра и музика, со професионални изведби кои ја воодушевуваат публиката.
АММА „Никола Карев“, пак, е водечки промотор на македонската култура и традиција во Австралија, каде членуваат млади иселеници од Македонија. Тие изразија задоволство од можноста да настапат во Татковината.
„Друштвото постои од 1977 година и ова е шести пат што гостуваме во Македонија. Некои од нас за првпат се во Македонија и оваа е шанса да се претставиме тука. Иако сум родена во Мелбурн, македонската традиција и култура ме привлекуваат многуи веќе 17 години сум дел од друштвото“, вели Џесика Бузајковски.
Концертот беше проследен со бурни аплаузи и големо задоволство од публиката, која уживаше богатата македонска традиција презентирана од двете асоцијации.
Никола Митовски