Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во денешната акција „Генералка викенд-Чисто како дома исто“, што се реализираше во Крива Паланка, целосно се расчистени 34 локации и собрани се огромни количини отпад.
„Во акцијата учествуваа над 300 граѓани, претставници на институции, училишта, спортски и културни здруженија, јавни претпријатија, локални установи и општинска администрација, поделени во 50 различни групи. На четири различни пункта учесниците беа опслужени од 24 волонтери „Сончеви пионери“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Раководителот на Одделението за инспекциски надзор Бранко Велиновски вели дека ова е една од најмасовните еколошки акции спроведени во општина Крива Паланка.
„Собрани се само 4-5 тони стакло, и уште огромни количини на пластика, лименки и друг отпад. Горди сме што голем број граѓани, институции и издруженија покажаа висока свест и одговорност за животната средина и масовно се вклучија во акцијата“, вели Велиновски.
Иницијаторите и организатори на „Генералка викенд“, Man and Mountain, се презадоволни од организацијата и спроведувањето на акцијата.
„Благодарни сме на општина Крива Паланка што вложила огромни напори за беспрекорно организирање на оваа еколошка акција. Резултатите се повеќе од видливи и навистина е се чисто како дома исто“, изјавија Гордана Манасијеска и Ханес Јаецкл од Man and Mountain .
Собраниот отпад ЈКП „Комуналец“ од Крива Паланка, со своите работни тимови, возила и механизација, го трапсортира до соодветните места.
Man and Mountain ја реализираше акцијата „Генералка викенд“ со поддршка на ПАКОМАК, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделие и шумарство, 10 општини, училишта и локални поддржувачи, професионални и аматерски спортски клубови и Делегацијата на Европската Унија.
(Ж.Ц.)