×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во Дневниот центар во Оризаре ќе се згрижат 38 деца со интелектуална попреченост од општина Липково

    01.08.2021 05:51 | Сузана Николиќ

    Во новоизградениот специјализиран Дневен центар за лица со интелектуална попреченост во селото Оризаре, ќе се згрижат 38 деца на возраст од 2 до 14 години од општината Липково, кои ќе добијат стручна помош од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт и ќе бидат бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. 

    Во Дневниот центар во Оризаре ќе се згрижат 38 деца со интелектуална попреченост од општина Липково

    „Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје но ќе ги стекнуваат и воспитните, социјални, културни и рекреативни активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца. Целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост, е од најмали нозе, тие да се стекнат и да ги развиваат вештините за секојдневниот живот“, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при отворањето на Центарот.

    Градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи истакна дека со отварњето на новиот центар децата со попреченост и нивните родители  не мора да патуваат до градовите за да ја добијат неопходната нега. 

    Проектот за подобрување на социјалните услуги го спроведува Министерството за труд и социјална политика, а ќе го имплементира Здружението Имаго плус од Липково, кое доби лиценца за давател на социјална услуга за деца со попреченост.

    Според координаторот на Дневниот центар, Аринета Нухија, нема поголема привилегија отколку да му се помогне на оној кому таа помош му треба. 

    „Кога станува збор пак, за децата, возвратниот ефект е уште поголем, зашто најчесто пред вас се случува позитивен напредок кој го гледате и ве исполнува со радост и гордост. Со нетрпение ги очекуваме децата во Центарот“, истакна Нухија.

    Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Една од главните цели на социјалната реформа е услугите да им бидат полесно достапни и на корисниците од руралните и најоддалечени региони во државата.

    Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.