Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Североисточниот плански регион е избран за пилот регион во кој ќе се формира Совет за социјална заштита , во рамките на проектот „Инклузивен и одржлив рамномерен регионален развој“, кој го спроведува Министерството за локална самоуправа, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Подготовките започнаа со консулативни средби на проектната единица во општина Крива Паланка, која е идентификувана како најуспешна општина во регионот во областа на социјалната заштита.
Нејзиното позитивно исксутво и пристап ќе бидат пример кој ќе биде применет и во регионални рамки, а градоначалникот Борјанчо Мицевски веќе ја започна иницијативата за формирање на ова тело што ќе ги третира социјалните услуги на регионално ниво.
„Чест и задоволство е кога локалните идеи ќе прераснат во регионални. Крива Паланка е препознаена како лидер во децентрализацијата на социјалните услуги и врз основа на тоа во Североисточниот плански регион ќе се спроведе пилот проект за основање на Совет за социјална заштита на ниво на плански регион“, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Општина Крива Паланка веќе има успешно реализирани проекти и активности, како што е спроведен процес на детектирање на социјалните проблеми и изработка на социјален план, со цел соодветно насочување на ресурсите за справување со потешкотиите и поквалитетен живот на лицата во социјален ризик. Повеќе години наназад, а и годинава со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, се спроведуваат повеќе проекти за нега и помош на стари, изнемоштени и осамени лица во домашни услови. Во рамките на овој проект, ќе бидат сертифицирани и првите негуватели за ваков вид на социјална услуга.
(Ж.Цветковска)