Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Хеликоптер на МВР утринава го гасне големиот шумски пожар во атарот на селата Алгуња и Челопек, Општина Старо Нагоричане, кој избувна вчера.
Заради поуспешно гаснење на пожарот во координација на Главниот штаб за управување со кризи, денес рано наутро волонтери на Црвениот крст во непосредна близина на пожарот поставиле базен кој се полни со вода од блиската река Пчиња а од кој хеликоптерот црпи вода.
„На тој начин прави многу повеќе налети и истура значително повеќе вода врз огнените точки отколку кога би летал и полнел вода од најблиската постоечка водена површина. Длабочината на реката Пчиња не е доволна за хеликоптерот да полни вода директно од неа“, соопшти Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарникарите и останатите екипи, со поддршка од воздух се на терен обидувајќи се целосно да го изгаснат.
„Ниту во еден момент не беа загрозени куќи и живеалишта на мештаните. Изгорена е 30 до 40 хектари нискостеблеста шума и вегетација, како и грмушки. Делуваме со 2 противпожарни возила и 7 пожарникари од единицата од Старо Нагоричане, а хеликоптерот на МВР е на терен од 5.30 часот утринава. Очекуваме и 30 припадници на АРМ да ни се придружат на терен“, истакна Далибор Трајковски, командир на Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане.
Регионалниот ЦУК Куманово извести дека вчера околу 12:00 часот започнат е пожар во атар на село Алгуња, Маало Голиновци. Со пожарот е зафатена ниска вегетација, грмушки и појаси со шума. Пожарот се проширил кон селото Челопек, а во гаснењето на пожарот интервенирале 8 пожарникари со 1 ПП возило од ТППЕ Старо Нагоричане, 4 лица од ЈП Козјак од Старо Нагоричане како и 1 екипа од ТППЕ Куманово.