Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Како и многу други занаети, и грнчарството во Куманово изумира.
Татјана Арсовска цели 17 години се занимава со овој занает, а семејството на нејзиниот сопруг цели 50 години го негува грнчарството. Работилницата им е во Долно Којнаре, а производите ги продава на Зелениот пазар во Куманово. Вели дека оваа работа е тешка, но истовремено многу креативна. Изработува грниња, стомни, тави.
Многу е тешко, се работи со земја. Додека едно грне да биде за продажба треба три пати да се пече. Каначе и грне е најтешко да се направи. Се прави за еден час, а потоа се суши, па се пече еднаш, два пати. Младите не се интересираат за овој занает. Занаетот умира затоа што никој не го прифаќа. Ние колку ќе издржиме толку. Сакаат полесна работа, а ова е малку потешко. Грнчари има двајца во Куманово, ние и еден во Табановце. Чинии најмногу се трошат, тавчиња послабо, кога има слава - рече Арсовска.
Таа објаснува дека порано можело да се живее од оваа дејност, а во денешно време пазарот е преплавен со ефтини кинески производи и тешко се опстанува само од грнчарство. Арсовска смета дека во училиштата треба да се воведе грнчарството за да се заинтересираат младите генерации.
Мислам дека во школо треба да се учи, затоа што тоа е доста убава работа, но треба и да ја прифатат децата. Мене ме исполнува. Кога ќе седнам да ги шарам грнињата, има тркало долу кое се движи со ногата. За мене е интересно, за другите не знам - вели Арсовска.
Арсовска на нејзините две деца им го пренесува своето знаење, но сепак младите бираат професии кои се атрактивни и кои носат добра заработувачка.