Пчиња се излеа кај Пелинце и Стрновац
Надојдените води на реката Пчиња синоќа и во текот на ноќта се излеале од коритото кај селата Пелинце и Стрновац, општина Старо Нагоричане.
Според Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), реката Пчиња накратко излегла од коритото на овој потег, но без да нанесе штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрвја и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.
РЦУК синоќа информираше дека, поради обилните врнежи од дожд, во подрачјето на селото Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и кај бањата Стрновац, реката Пчиња се излеала од своето корито за околу 20 сантиметри. Според првичните информации, водата засега не зафаќа ниту куќи ниту викендици.
Дополнително, кај Коинскиот мост е забележано големо количество насобрани дрвја кои го попречуваат нормалниот проток, што дополнително ја усложнува состојбата на теренот. За ситуацијата е известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности.
Утринава во сливот на река Пчиња е забележано зголемување на водостојот во долниот дел од реката, но без опасност од излевање, соопштуваат од Министертсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство .

