Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Витези и витешки борби, благородници и селани, накит, храна, садови, музика, занаети од средниот век...
Сето ова им беше на дофат на кривопаланчани овој викенд, кои ги вкусија тајните и мистичноста на овој фасцинантниот средновековен период , во средновековниот логор поставен покрај Крива Река. За сите посетители од општината, државата и регионот, т.н. мрачно доба доби нова светлина , понесени од авантуристичкиот дух на патувањето низ времето.
Ваков средновековен фестивал за првпат се организира во нашата држава, а организатор беше Градскиот музеј од Крива Паланка, во рамки на проектот „Одржливо користење на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“, поддржан од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија. Посетителите изворно можеа да се запознаат каква облека и накит се носеле во средновековието, како се изработувале, што се јадело, пиело, кои занаети се практикувале, како изгледале витезите и витешките турнири.
Величествената реконструкција беше презентирана од Здружението „Чигот“ од Варна, уметници и занаетчии од цела Бугарија, претставници од Историскиот музеј од Ќустендил, од Народниот музеј од Лесковац и од музејот од Виница, кои ја негуваат и продолжуваат средновековната традиција и култура.
Голем број посетители беа воодушевени од средновековните костуми, накитени и навезени, кои рачно ги изработува Надежда Николова од Шумен.
„На реконструкција на средовековна облека од сите сталежи работам повеќе од 20 години. Се разбира дека оригинални материјали денес не можат да се најдат, но настојувам што е можно поверодостојно да ги изработувам копиите. Ги претставувам на фестивали, а особено ме инспирираше посетата на тврдината Царевец во Велико Трново. Поучував како се облекувале бугарските принцези и осознав дека биле добро облечени благороднички во Европа. Ми беше предизвик да направам скапоцена , тешка облека на една принцеза и да ја замислам како чекори по калдрмата на Царевец, вели Николова.
Таа објаснува дека седновековната облека е тешка за работа и потребни и се најмалку 6 месеци за еден костум, кој мора да се украси со бордури, срма, седеф, скапоцени камења, но дека се многу пријатни за носење.
Главен пијалок во средновековието била медовината, која настанала кога случајно во дива кошница со пчели паднала вода што подоцна ферментирала и се создал овој напиток кој служел и како еликсир.
„Медовината е силен афродизијак и им се дава на брачните парови по венчавањето, па оттука доаѓа и „медениот месец“. Овој напиток бил скап и можеле да си го приуштат само благородниците. Исто така, им се давала и на војниците за последната битка помеѓу доброто и злото. Се прави во дабови бовчи, а ферментира околу 6 месеци“, објаснува Драгомир Беќаров од Здружението „Виа Преториа“ од Софија, кој ни нуди да пробаме медовина со билки, лути пиперчиња, мента и јаболка , а вели дека кралица на овој скапоцен напиток е медовината со малини.
Беќаров го „окупираат“ посетителите кои се интересираат и за средновековниот накит, ксметчињата со посебна енергија, средновековните сапуни за капење. Секој понесува по нешто за спомен од средниот век и продолжува низ средновековниот логор за други интересни дреболии.
Децата најногу сакаат да се мечуваат, да стрелаат и да прават средновековни шлемови и штитови, како и да удираат печати со средновековни симболи на меката кожа.
„Кожарството е еден од главните занаети во средновековието, бидејќи од кожа се правеле облека, ланчиња, обувки, чанти, футроли за мечовите и ножевите,служеле како пергаменти за пишување. Се употребувала телешка , јарешка, јагнешка, заечка и овчја кожа. На кожните изработки секогаш имало различни мотиви од мистични животи и други форми, вели Илијан Андријанов Лсков од Здружението „Чигот“ од Бургас, кој во средновековната реконструкција учествуваше заедно со својата сопруга и 10-месечната ќерка.
Тие го претставуваа обичниот живот на едно селско семејство. Посебно симпатична фигура во средновековниот логор беше младиот патувачки трговец со зачини Алеко Наков од Стара Загора. Тој ни објаснува зошто зачините во средновековието биле толку скапи.
„Зачините се носеле најчесто по морски пат од Блискиот Исток и Средоземното море. За да пристигнат во Европа и на балканските простори било потребно многу време , па затоа биле многу скапи. Нив можеле да си ги приуштат само благородничките семејства. Интересно е што на почетокот зачините не се користеле за збогатување на вкусот на храната, тука за боење на ткаенините, како на пример куркумата и шафранот. Дури откако луѓето забележале дека убаво мирисаат почнале да ги користат за зачинување на јадењата и за конзервирање за што се користел кориандерот. Во исто време, тие биле и главен лек против бројните болести. Клеопатра, на пример, обилно користела масло од црн ким , кој има над 17 аминокиселини, за да ја зачува својата убавина и женственост“, раскажува Алеко.
Како мерка за зачините се користеле златни монети, сребро, скапоцени камења, јатки од растението „рошкуф“, претходник на какаото. Сиромашните, пак, кои од зачин користеле најчесто сол, размената ја вршеле со јајца од кокошки што ги одгледувале на имотите. Каков луксуз биле зачините, се гледа од тоа што за една крава или 4 овци можеле да се купат 450 г. морско оревче, а
тие дури биле и причина за крстоносни војни, развој на пловидбата, нови патувања и важни географски откритија.
И додека се одвиваа разни активности, низ средновековниот логор постојано се слушаше удрот од чеканот на Панко Цанков од Варна, кој презентираше репрезентативна изработка на средновековни орудија како врвови за стрели и копја, ножеви, секири и други за нас непознати алатки што се користеле во војна и во домаќинствата.
„Тежок бил животот на ковачите. Работеле со штетни материи, како јагленот, постојано биле над вжештеното железо, па често заболувале од белодробни болести. Но, оганот им давал посебна духовна енергија и други способности“, вели Цанков, кој поседува сопствена работилница за историски реконструкции на средновековно оружје и орудија.
Денес има богат средновековен инструментариум, но раскажува како почнале од една черга со врвови за стрели и копја.
„Овој занает од хоби ни стана начин на живот. Се занимаваме и со кожарство, дрвни и метални изработки, како и изработки од коски кои биле многу популарни во средновековието и од нив се правеле гребени, шноли, дршки за ножеви и други украси. Постојано одиме по фестивали, разменуваме искуства, а имаме нарачки за нашите средновековни предмети од Канада, Турција, Полска, Холандија“, посочува Цанков.
Атмосферата на средновековниот фестивал беше надополнета со средновековна музика која одлично ја долови вокално-инструменталната група „Фреја“ од Пловдив.