Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановката Aнастасија Паневска е асистент на Биотехничкиот факултет во Љубљана, Словенија, а истовремено е истражувач и во областа на молекуларната биологија.
Своите додипломски студии ги завршила на Биотехничкиот факултет во Љубљана, а по мастер студиите во 2016 година се вработила како млад истражувач и продолжила со докторските студии по молекуларна биологија и биохемија.
Уште од првата година на факултетот, била вклучена во педагошкиот процес, по што добила одлични студентски мислења и награда за најдобар асистент. Во 2018 година се вработила на асистентска позиција, истовремено продолжувајќи со докторските студии.
Љубовта кон природните науки ја развила уште од средно образование, а факултетот го избрала затоа што програмата нудела голем процент на практично истражување во лабораторија. Олеснителна околност ѝ било и тоа што Словенија има потпишано договор со Македонија за соработка во образовната дејност, кој овозможува бесплатно студирање на македонски студенти во Словенија и обратно.
„Моето заминување во Љубљана беше сосема случајно. Преку многу разговори и дискусии со мојот тетин Методија Димковски, уште во средно училиште, развив интерес кон природните науки, а особено генетиката и молекуларната биологија и сакав да продолжам со студии во таа област. Направив мало истражување и го пронајдов Биотехничкиот факултет, кој ги нудеше студиите за кои сум заинтересирана. Секако клучна беше и мајка ми, која несебично се одлучи да ми пружи поддршка. На факултетот голем дел од учењето е практично, со многу работа во лабораторија, а истовремено студирањето е бесплатно. За среќа, имав прилика да запознаам навистина исклучитечни личности, како што е мојот ментор и шеф проф. д-р Кристина Сепчиќ, која несебично ме подржуваше и ми ги отвори вратите на науката“, додава Анастасија.
Таа е дел од словенечкото и европското биохемиско друштво, а исто така е млад истражувач и од областа на биохемијата и молекуларната биологија, кои ѝ овозможиле соработка со многу истражувачки групи од целиот свет.
„Како млад истражувач од областа на биохемијата и молекуларната биологија работам со рекомбинантни протеини кои препознаваат специфичен липид во клеточната мембрана на одредени видови на инсекти и во нив формираат трансмембрански пори. Апликацијата на ваквото истражување е во развој на нова генерација на биоинсектициди. Досега нашето истражување резултираше во три научни труда и меѓународен патент. Во текот на докторските студии имав прилика да соработувам со многу истражувачки групи од целиот свет. За жал, морам да признам дека сум негативно изненадена што во Македонија не постои Јавна агенција за истражувачка дејност која ги финансира докторандите и финансира истражувачки проекти секоја година. Во Словенија Јавната агенција за истражување ги покрива сите трошоци на докторандот или младиот истражувач и тие изнесуваат около 30 000 евра годишно за еден докторанд“, објаснува Паневска.
Таа смета дека во Словенија многу повеќе се посветува внимание на практично оспособување на студентите,преку потикнување на индивидуалната работа во лабораторија, како и учество во истражувачки проекти. Тоа се должи на поголемо инвестирање во образованието, за разлика од Македонија каде се одвојува многу малку за таа намена. Токму практичната работа која им ја нудат универзитетите, на студентите им овозможува многу побргу да дојдат до работно место.
„Студирањето во Словенија е по Болоњскиот модел. По завршувањета на студиите студентите се способни веднаш да почнат со работа, а постојат и примери кога студентите и по завршување на студиите на првиот болоњски степен наоѓаат работа и градат многу успешна кариера. Тука најчесто спаѓаат студентите од областа на инфоматичките науки“.
Со оглед на појавата на коронавирусот и преместувањето на студентите од клупите пред камерите, Анастасија вели, дека наставата во Словенија тече во најдобар ред и дека наскоро очекуваат студентите кои работат на експериментите да се вратат во лабораторијата.
„На почетокот секако постоеше период на адаптација и оспособување на сите кои учествуваа во педагошкиот процес. Сите предавања, консултации и презентации се изведуваат без отстапки од наставниот план, додека пак ние асистентите треба да бидеме посебно креативни при онлајн изведувањето на вежби, кои обично ги изведуваме во лабораторија. Но, полека мерките се ослободуваат, што значи дека веројатно вежбите ќе почнат да се изведуваат во помали групи. Ние, истражувачите полека се враќаме во лабораториите, а ќе ни се придружат и студентите кои работат на ескеприменти кои се клучни за нивните дипломски и магистарски задачи“, ни раскажува младиот истражувач кој веќе девет години е дел од образовниот систем на Словенија.
Позитивното од онлајн наставата е, вели таа, што учениците можат да си ги снимаат часовите и дополнително да си ги преслушуваат, а исто така и тоа што учениците од другите градови не мора да патуваат до Љубљана. Негативната страна е тоа што недостасува непосредниот контакт и не може да ја замени практичната работа во лабораторијата.
„Тврдам дека сите професори вклучени во педагошкиот процес, работат повеќе од вообичаеното. Честопати треба да бидеме креативни, да вложиме поголем труд и да изнаоѓаме начини за ефективно пренесување на знаењето. Неповрзано со моменталната ситуација, сметам дека во Македонија на професорите треба да им се зголемат платите и што е најважно, да се зголемат инвестициите за материјални трошоци. Исто така сметам и дека треба секоја година да се распишуваат конкурси за пријавување на истражувачки проекти и дека тоа би бил еден од начините за задржувањето на професорите и студентите во Македонија“.
Таа смета дека од оваа состојба во којашто се најдовме, може да се извлечат позитивни лекции, затоа што општеството докажа дека со дисциплина и волја е способно да се соочи со сите предизвици.
„Видни се минимални подобрувања во природата и можеби луѓето конечно ќе сфатат дека зачувувањето на природата е во нивните раце. Секако сметам и дека треба секојдневно да сме благодарни за сите работи кои ги имаме во животот“, додава кумановката Анастасија, која вели дека во блиска иднина ќе продолжи со пост-докторски студии, пријавување на свој научно- истражувачки проект како и поголема соработка со научници од различни универзитети.
Но, патот до успехот по кој поминала оваа млада и амбициозна девојка не бил секогаш лесен и розов. Се соочувала со најразлични предизвици, кои морала да ги победи за да продолжи понатаму и да го реализира својот сон.
„За среќа, по природа сум личност која бргу да се адаптира на нови животни околности, па така во мојот случај тоа време беше доста кратко. Нормално, на почетокот ми беше тешко, бидејќи не го зборував словенечкиот јазик и се наоѓав во нова средина. На факултетот бев единствен странец, а следењето на настава на јазик кој не го разбираш е тешко. Па, така на почетокот честопати имав несигурности, имав дилеми со самата себе и се прашував дали сум ја донела вистинската одлука. Но, подоцна сфатив дека сето тоа е нормално и што е најважно, поминува“.
Анастасија вели дека во моментот најмногу од Куманово ѝ недостасуваат нејзиното семејство, мајка ѝ со својата неизмерна поддршка и пријателите, а на иднините студенти коишто ќе се запишат на некој факултет надвор од границите на Македонија, им препорачува да не се отткажуваат при првите препреки, бидејќи секој почеток е тежок, но дека потоа сиот труд ќе им се исплати.
(Фросина Марковска)