Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Слаѓана Трајковска(52) од населбата Карпош, Куманово, е меѓу ретките домаќинки, која ја зачувала и се уште ја негува малку заборавената традиционална техника со која во минатото се шарале јајцата за Велигден.
Таа ги украсува јајцата на уникатен начин, со користење на пчелен восок, баш онака како што тоа порано го правеле македонските жени, нашите баби и мајки.
Оваа традиционална техника, покрај шарањето со ливчиња од билки, порано бил единствениот начин на декорација на јајцата за големиот христијански празник. Прекрасните креации на Трајковска секоја година привлекуваат внимание токму по начинот на изработка и шарите што ги аплицира на лушпите на јајцата , затоа што се реткост во денешно време. Вештината ја научила од својата свекрва.
„Свекрва ми шараше со ќумурчиња, а јас си имам малечка инка во која го ставам чистиот пчелен восок и со тоа ги шарам јајцата. Восокот го загревам на свеќа и кога ќе стане течен лесно се нанесува на површината на јајцата“, вели Слаѓана.
Секое украсено јајце е уникатно, оригинално и не е слично со ниедно друго. Сликите од направените дизајни ги собира во папка, а во текот на годината на интернет бара нови нови слики и украси што не ги работела и цртала дотогаш и кои и се вистински предизвик за усовршување на техниката и создавање на нови уникатни велигденски јајца. И секоја година кога ќе започне со новиот предизвик, има мала несигурност дали се ќе излезе како што наумила, или ќе треба да се помачи.
„Најчесто првите се поневешто направените ги оставам за себе. Потоа, ќе ми се пушти раката и си оди работата. Зависи и од денот и моменталната инспирација и расположение, некогаш се толку убави што ми е жал да ги дадам“, на смеа раскажува Слаѓана чии велигденски јајца се многу барани од граѓаните кои сакаат да го украсат домот за Велигден со ова задолжително традиционално обележје.
Ова домаќинка со шарање започнува уште од Прочка за да може да постигне и да ги услужи сите заинтересирани. Како што објаснува, порано сите постеле, па така јајцата за Велигден се собирале уште од Прочка, односно од почетокот на Велигденскиот пост.
„Ако секој ден изработувам по една табла нашарани јајца, ќе потрошам повеќе време отколку да одам на работа, зашто за едно јајце ми требаат од 15 - 30 минути, односно се зависи од дизајнот и пополнетоста на јајцето што се работи“, истакнува Трајковска.
Интересно е што работи со свежи, неварени јајца, при што е особено важно кората да им биде чиста и добро измиена. Декорацијата најубаво се забележува на бели јајца, а искуството ја научило дека е најубаво да се користат текстилни бои, какви што имало порано кај „бојаџиите“.
Нејзините украсени јајца за Велигден, пак, се секогаш со црвена боја.
„Јајцата декорирани со восок се варат во бојата и од како ќе се сварат и обојат се вадат топли и веднаш се пребришуваат со чиста памучна ткаенина за да се отстрани восокот. Тогаш дизајнот најдобро доаѓа до израз “, препорачува Слаѓана.
Таа со ова хоби се занимава веќе 15 години и вели дека за неа Велигден и е најубав, најшарен и најпосакуван празник, но и најнапорен заради обврските што ги има. Има редовни муштерии кои секоја година нарачуваат украсени јајца од неа, но постојано се јавуваат и нови кога ќе ги видат нејзините дела. Иако работата е напорна, вели дека сепак максимално ужива во она што го
создава и дека додека ја „држат“рацете и ѝ гледаат очите нема да се откаже од ова задоволство.