×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    Кумановката Марија Ивановска доби награда за најдобар млад научник на Балканот

    14.05.2023 12:27 | Оливера Пешевска

    Докторката на медицински науки Марија Ивановска (36) од Куманово, која живее и работи во Пловдив, Бугарија, се најде меѓу најдобрите балкански научници и доби големо признание - „Балканска медицинска награда“ за својата истражувачка студија во областа на иновациите за влијанието на стресот врз имунолошкиот систем.

    Кумановката Марија Ивановска доби награда за најдобар млад научник на Балканот

    Наградата која се доделува за нови откритија во лекувањето, доделена е во Пловдив на 5 мај годинава, на свеченост на Балканските медицински награди, чиј организатор е платформата Глобални лидери за докажани професионалци на Балканот.

    Ивановска дипломирала во 2012 година на Медицинскиот факултет во Пловдив,  а докторирала во 2018 година со научен труд од областа на имунологијата, за што спровела испитување како стресот влијае на имунолошкиот и ендокринолошкиот систем во организмот.

    Пред две години Министерството за образование на Бугарија, нејзиниот научен труд  го избрало како најдобар докторски труд на млад научник во оваа европска земја. За наградата не се конкурира самостојно, туку комисијата ги избрала оние што работат на иновативни и нови теми од областа на медицината. 

    „Критериумите за избор и одобрување на некој научен труд е тој да нуди нешто иновативно, интересно и продуктивно, како и колку има потенцијал да привлече нови студенти и научници кои би се занимавале со оваа област. И најважно, колку тоа би имало придонес во општеството за да се создадат нови стручни кадри во кои пациентите би имале
    доверба“, вели д-р Ивановска.

    Таа објаснува дека ова клиничко истражување за стресот е нова сфера и иновативна тема во медицината и не било најдобро прифатено на почетокот. Клиничкото испитување траело 3 години и било спроведено на над 100 избрани луѓе, а Ивановска морала да докаже пред Етичката комисија (која одобрува вршење испитувања над луѓе) дека навистина има потреба и оправданост за спроведување на проектот.

    „Првата група од 30 луѓе беа студенти од мојата катедра за микробиологија, кои со полагање на испит беа изложени на остар стрес. Втората група беа лекари кои работеа во Брза помош и лекари кои ја завршуваат ноќната смена или т.н. дежурство. И третата група беа луѓе за кои знаеме дека во принцип се балансирани и смирени во однос на се, тоа се луѓето кои вежбаат јога и други медитативни техники. Иако ни се смееја за оваа контролна група, најдовме луѓе кои со јога се занимаваат повеќе од 6 месеци и докажавме дека тие немаат никакви промени во имунолошкиот систем и имаат многу добар севкупен баланс во организмот“, потенцира Ивановска.

    Таа додава дека уште во 1991 година било  докажано дека во состојба на хроничен стрес намален е имунитет, а таквите луѓе и почесто се разболуваат. 

    “Со ова истражување и со помош на научни факти и многу различни маркери го докажавме токму тоа, односно потврдивме дека тоа е вистина. Секој стресоген фактор влијае на мозокот, а тој дава сигнали за хормонска реакција, кои, пак, директно се поврзани со клетките задолжени за нашиот имунитет, со органите за имунитет и влијае на целокупниот организам. Хормоните можат да го засилат или ослабнат нашиот имунитет. Тоа во клиничката имунологија се вика психоневроендокриноимунологија“, истакнува Ивановска.

    Истражувањето покажало и дека хроничниот стрес ги намалува и когнитивните способности и предизвикува промени и болести како Паркинсонова болест, Алцхајмер, Деменција, посттраумотско стресно растројство, како и дека луѓето со хроничен стрес, грубо кажано заглупуваат и имаат пад на концентрацијата.

    Младата научничка појаснува дека промените кои настануваат на имунолошкиот систем како резултат на хроничен стрес , за жал, се најчесто трајни и нереверзибилни. Треба голема количина на многу различни суплементи и додатоци во исхраната за да се доведе пациентот во имуностимулирачка состојба.

    „Под надзор на клинички имунолог терапијата се спроведува во период од 3 до 6 месеци за да се доведе организмот во некаква состојба на балансиран имунитет. Но, процесот е многу тежок и неизвесен и најчесто не може да се влијае на промените со терапијата“, вели Ивановска.

    Ивановска моментално работи на 3 работни места и тоа како главен асистент на Медицинскиот универзитет каде предава клиничка имунологија, работи како лекар-специјализант по клиничка имулогија во државната болница со полно работно време и како лекар со хонорарен договор во приватна болница во Пловдив. Автор е и коавтор на над 40 пибликации објавени во бугарски на меѓународни реномирани списанија. Учествува на голем број на меѓународни проекти и добила повеќе престижни награди.

    Вели дека за нејзиниот успех е најзаслужна нејзината менторка проф. д-р Маријана Мурџева, ректор на Медицинскиот факултет во Пловдив.

    „Од неа научив да сум амбициозна, трудољубива и работохоличар. Кај неа не постои „не можам“,многу е строга и бара многу од нас, но тоа те прави посилен и ти создава желба и мотивација за поголеми достигнувања во својата сфера на дејствување“, подвлекува младата кумановка.

    Ивановска е сопруга и мајка на 2-годишно синче , па вели дека тешко се стигнува се и дека има многу обврски, но се навикнала на тквото темпо. Во Бугарија породилното може да трае и 2 години, но таа не можела да издржи без работа толку долго време.

    „Јас во принцип сум работохоличар, сакам да работам. И за време на бременоста и по породувањето без престан пишував трудови и се занимавав со науката. Од завршувањето на докторските студии во 2018 година, не престанав да пишувам и издавам научни трудови и статии. Сега со сопругот ги делиме обврските и се снаоѓаме. Сопругот е од Пловдив, тој е продуцент и нема допирни точки со медицината“, посочува Марија.

    Таа смета дека многу потешко би успеала во своата професија, доколку останела во Македонија. И во разговор со професори од Институтот за имунологија во Скопје и било кажано дека нема да има такви добри услови за развој и напредок како во Бугарија.

    „Во 2012 година се вратив дома во Куманово, работев една година во приватна интернистичка ординација. Сакав да се вратам најмногу поради мајка ми и да бидам повеќе со неа дома, но увидов дека не тоа здравството што го учев и научив на факултетот“, вели амбициозната докторка.

    Во слободно време, освен на синот и семејството, Ивановска е посветена на слушање аудио-книги,неколку пати неделно оди на фитнес или трчање, а пасија и е и цртањето заради што размислувала и да се запишува на Уметничката академија, но сепак ја одбрала медицината.

    Во Куманово доаѓам барем еднаш месечно, за да се види со најблиските. Не потекнува од медицинско семејство,туку од скромни, вредни и чесни родители.

    „Татко ми работеше во „Искра“, мајка ми во „Текстилпромет“ и се во животот им должам на нив. Секако, и на чичко ми во Скопје кој секогаш веруваше во мене и ми помагаше и материјално кога и што да ми требаше. Имав голема подршка од родителите, дури и во она што беше невозможно- да дојдеш да студираш во земја од ЕУ, но успеаја и се снајдоа за да ми овозможат образование какво што посакував“, се потсетува д-р Ивановска.

    Иако има европска диплома, ценета секаде во светот, патува многу и соработува со многу европски универзитети, сепак засега останува со сопругот и синот во Бугарија.