Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Занаетот не носи многу пари, но нема да ве остави без леб, раскажува пензионерот Драган Димитриевски(67), кој половина век се занимавал со поправка на часовници.
Часовничарот живее кај гимназијата “Гоце Делчев“, на улицата „Перо Чичо„, која порано ја нарекувале часовничарска улица. Одреден период работел во Кратово, потоа отворил дуќан во Куманово, а сега во пензионерските денови повремено поправа часовници само на роднините и пријателите. Димитриевски вели дека младите денес немаат интерес за овој занает, и воопшто за сите други занаети кои полека изумираат.
“Сите гледаат да влезат во администрација, да не работат, а да дојдат до поголеми пари. Работа има за сите, само нема кој да работи. Без знаење, без пракса ништо не се постигнува. Јас четири месеци учев теорија, а останатото време го поминував во дуќан. Овој занает беше фамилијарен и порано не можеше секој да почне. Јас почнав како чирак во дуќан на мој сосед. Нашата работа е специфична. Таа е тешка додека да се научи. Потребна е голема педантност, прецизност, бистар ум, добар вид“- вели Димитриевски.
Во текот на работниот век, Димитриевски имал прилика да запознае многу луѓе и да поправа екстремно скапи часовници.
“Сум склопувал часовник кој чини 4000 евра. Пред четири години јас поправав два часовници со голема вредност, некаде околу 100.000 евра на луѓе од Скопје. Има скапи часовници и штета е од невнимание да се уништат. На Запад е поплатена оваа работа. Едно влегување во дуќан и да кажете “Добар ден“ ви земаат 500 евра “ - додава часовничарот.
Димитриевски смета дека државата треба да ги мотивира младите да се занимаваат со изучување на занаети, бидејќи во денешно време продавници за часовници има многу, но мајстори за часовници има сосема малку.