×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Многу наши другари немаа среќа да го видат слободно Куманово

    10.11.2014 18:07 | KumanovoNews

    На 11 Ноември 1944 година, Куманово осамнало ослободено од фашистичкиот окупатор. Борците кои пред 70 години учествувале во последните пресметки со германската војска, како вчера да било, се сеќаат на тешките моменти, но со воодушевување зборуваат за големата победа.

    Многу наши другари немаа среќа да го видат слободно Куманово

    Еден од живите сведоци на тоа време е и борецот, Спирко Зафировски (89), кој дирекно учествувал во борбите за ослободување на градот.

    Тој се сеќава дека десетина дена се воделе жестоки борби во кумановско, а околу градот биле концентрирани големи германско - фашистички сили. Германците и покрај тоа што давале силен отпор, претрпеле големи загуби на Страцин, каде се борела Кумановската дивизија со 17-тата и 18-та бригада.

    „Јас учествував во 17 бригада и ние навлеговме во Куманово преку Врањско џаде. Борбите траеа непрекинато од 1 до 10 ноември, кога Германците почнаа да се повлекуваат. Нашите единици беа распоредени на Табановце, Четирце, Горно и Долно Којнаре. Штом слушнавме на 11 ноември рано наутро силни експлозии, знаевме дека Германците се повлекуваат. Тие го минираа надвозник кај Врањско џаде и кај Спомен костурница на железничката пруга. Од искуство од претходни борби знаевме дека штом ќе дојде до уривање на одредени објекти, Германците се повлекуваат. Тие имаа тешка задача да обезбедат комуникација на релација Куманово - Крива Паланка“, се сеќава Зафировски.

    Иако ја троши последната година од деветата деценија, овој мил и питом старец, со восхит во гласот раскажува за првите моменти кога влегле на слободна територија во градот. Околу 8 часот започнала прославата за големата победа.

    „Сите излегоа на улици, како од земја да изникнаа. Од сите страни срдечно не пречекуваа, со поздрави и пароли, со песни. Младите упаѓаа во нашите редови и ни ги земаа капите. Во центарот кај Тумбата се одржаа говори за ослободување на Куманово. Таму веќе беа поставени маси и импровизирана бина. Интересно е што за толку кратко време, многу народ се излезе што ретко се случува и на митинзи. Сите музичари кои беа во Куманово дојдоа и настана една голема општонародна веселба. Куманово не дочека со радост и со солзи. Оние што загинаа, ја немаа таа среќа да го видат ослободен градот и да се прегрнат со своите најблиски“, додава Зафировски.

    Од бригдата за Зафировски загинале 8 борци, а во четиригодишната борба за ослободување на земјата животот го дале 455 борци и 350 цивили. Борците апелираат до младите да ја чуваат и ценат слоботата кои тие ја извојувале со многу крв и страдања.