Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младиот моден дизајнер Христијан Младеновски од Куманово ја промовираше својата најнова колекција „Црна Лирика“, која фасцинира со својата симолика, складноста на креациите и мистичната фантазија на авторот.
Младеновски, кој го освојува модниот свет со високиот професионализам и оригиналните идеи при создавањето на своите модни линии, и овојпат се инспирира од традицијата, народното творештво и етнографските обележја на неговото поднебје и со непогрешлива софистицираност гради препознатлив авторски бренд. Како и во претходните колекции, и во колекцијата „Црна Лирика“ до израз доаѓа интимната врска на дизајнерот со неговите детски спомени од руралната средина во која е израснат.
„Овие спомени ја акцентираат симфонијата на паганизмот и поетската магичност на древното словенско вештерство. Во словенската култура се застапени разни форми на вештерство-врачарки, бајачки, магиски обреди, божиќните традиции... и преку тие форми на ритуал во современиот фолклор словенските народи остануваат поврзани со нивните пагански корени. Ова поврзување со сопствените корени кое зависи од усното, народно пренесување на културата, лирските народни песни или графички прикази преку везовите на народните носии е дел од клучната инспирација за колекцијата „Црна Лирика“, појаснува креаторот Младеновски.
Во колекцијата преовладуваат темните тонови и органски силуети, преку кои авторот се стреми да пробуди чувства на внатрешно самонабљудување, со цел публиката или личноста што го носи моделот да се поврзе со неговото потекло и традицијата.
„Материјалите во „Црна Лирика“ се со светкава и сјајна текстура. Колекцијата е составена од црно-сребрени тонови кои симболизираат мистичност, елегантност,но и морбидност. Металот е присутен поради неговата застапеност во многу древни пагански ритуали. Српот, пак, е додаток присутен како елемент кој е воедно и духовен. Во словенската паганска култура, врачарките верувале дека со српот можат да ја покосат душата или клетвата на одредена личност за време на ритуалот на баење, како што селаните ја косат жетвата“ посочува кумановскиот моден дизајнер.
Младеновски во својата нанова колекција вклучува и модели кои прилегаат на магионичари, сакајќи да истакне дека во словенскиот вештерски свет често биле присутни и мажите.
„Целта на самата колекција е да ги вкрсти традиционалните и паганските мотиви, кои остануваат дел од магичниот реализам на современата култура. „Црна Лирика“, всушност, се стреми да ги инспирира набљудувачите да ги прифатат традицијата и паганизмот во нашето секојдневие, наместо да ги отфрлаат во корист на западните глобалистички трендови. Со прифаќањето на сопствените корени, ќе формираме можност да ги смениме општествените норми, со оглед на тоа дека поради овие ритуали и традиционални сфаќаа голем број на луѓе имаат страдано во средниот век “, вели Младеновски.
Интересно е што самиот автор се јавува и како модел при презентацијата на колекцијата, што не е чест случај во модниот свет.
„Тоа се нарекува автореферентен систем, односно авторот се става себеси во улога на модел за да се добие поголема уметничка вредност на делото“, појаснува креаторот.
Едиторијалот за промоција на „Црна Лирика“ е реализиран во соработка со Горан Поповски, автор на фотографија, Мирослава Благојевиќ и Христијан Младеновски како модели, мејкапот е на Анастасија Величковиќ, фризура на Даниел Артевски и асистентка Сара Митковска.
Како моден дизајнер Младеновски веќе е препознатлив на домашната и интернационална модна сцена како исклучително надарен креатор со автентичен потпис на своите модели, а неговите креациии се објавуваат во светски познати модни списанија.
Минатата година фотографија со негов модел беше објавена на дигатилното издание на престижното модно списание Вог.