×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Октомвриска револуција „елитен“ кварт со стрништа и буништа

    05.11.2016 20:27 | KumanovoNews

    Овој дел од градот важи за елитен и тука се продаваат најскапи станови, но наместо средена урбана населба личи на запуштена селска средина

    Октомвриска револуција „елитен“ кварт со стрништа и буништа

    Граѓаните кои живејат на булеварот „Октомвриска револуција“ од локалитетот „Водовод“ до „Мај маркет“, бараат од локалната самоуправа да поработи на уредување и оплеменување на просторот во оваа населба. Жителите се жалат, дека овој дел од градот кој важи за елитен и се продаваат најскапи станови, наместо современа урбана населба личи на запуштена селска средина, со стрништа и буништа на сите страни. Зелените површини помеѓу зградите се прераснати со трева и затрпани со ѓубре, а патеките за движење непоплочени и каливи. Иако има голем простор, во целиот кварт нема ниту една уреден парк ниту урбана опрема со детско игралиште.

    - Овде освен што се градат згради една врз друга и се раскопува она што предходно било направено, ништо друго не се прави. Се полни општинската каса со наши пари, но тие се трошат на друго место. Ни улица саглам, ни парк, за игралишта и пешачки стази ич да не збориме. Многу е лошо и запуштено, руинирано, со еден збор за никаде. Да ти е срам да ти дојде некој од страна, - вели еден од станарите што го сретнавме пред зградата.

    Граѓаните се гневни и револтирани што со децении наназад општинските власти не сакаат да го култивираат просторот над некогашното засолниште, иако со години ветуваат. Се работи за голема зелена површина, која доколку се уреди ќе биде пријатно место за одмор и рекреација на околу 400 семејства, а сега е сврталиште на кучиња скитници и уживатели на наркотични сретства.

    „Пред секои избори доаѓаат политичарите и ни ветуваат дека ќе го уредат паркот, бидејќи тоа е наше единствено барање. Откако ќе завршат изборите не забораваат. Имаме и партиски членови во зградатата, преку кои ургиравме, но попусто. Овој простор беше празен, но прво дозволија да се изградат гаражи. Се буневме ама не ги тргнаа. Потоа ни рекоа дека ќе се отвори сендвичарница, па таа прерасна во кафеана, која зафати пола од паркот. До неа се отвори уште една. За бизнис интереси има решение, а за потребите на граѓаните нема, - вели една повозрасна госпоѓа.

    „Општината има извонредна можност да покаже дека се грижи за своите граѓани и со малку пари да направи голема работа. Тоа може да биде центар, плоштад на квартот. Да се озелени и пошуми, да се уреди, да има содржина и услови да се собираат пензионерите и да се играат децата. Жално е што нема каде да излеземе, да прошетаме и да седнеме. Само кафани отвараат и ништо друго. По цела ноќ немаме мир од пијаници, - вели  Столе Б., кој живее во зградата кај засолништето.

    ДА ПРОДОЛЖИ РЕГУЛАЦИЈАТА НА РЕЧНОТО КОРИТО И КЕЈОТ

    Дека надлежните немаат сенс за естетика и уредување на просторот на „Октомвриска„ се жалат и станарите од зградите околу продавниците Биртекс и Мај маркет. Покрај реката стојат купиша земја и шут, кои се натрпани додека било чистено речното корито, а околу зградата се наоѓаат запуштените зелени површини. Тука летоска се изведуваа змии, кои шетаа по улиците, па родителите не смееја да ги пуштат децата надвор. Станарите бараат општината да продолжи со регулацијата на речното корито, да изгради кеј, пешачки патеки, трим стаза и хортикултурно да ја уреди околината.

    „Бидејќи има многу згради неоходно е да има детско игралиште, со детски риквизити и справи за вежбање на отворено. Да се засади дрворед, да имаме убав поглед кон реката, а не распаднатите куќи во Средорек и ѓубре во водата. Вака просторот стои неискористен и запуштен, а граѓаните се незадоволни. Мора некој да обрне внимание и на овие работи, посторот да се оплемен. Општината под итно мора да најде средства и да го натера јавното претпријатие да ја одржува хигиената„,- вели Марјан С. станар во зградата спроти Биртекс.

    Од неодамна на овој потег никнаа уште три стамбени згради. Инвеститорите ја довршуваат изградбата и го уредуваат дворот пред нивните објекти, но соседите очекуваат да го попрват и санираат и она што го уништија и раскопаа со тешката механизација. Истовремено, станарите ги повикуваат надлежните да предвидат средства и да ја уредат населбата, пред да се појават и да бараат гласови за следните локални избори.