Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Особено ми смета кога ќе видам дека картонот се пали. Тоа е суровина, која вреди пари и затоа треба да ја заштитиме и правилно да ја употребиме. Во мојата работа не гледам само профит, сакам да го видат Куманово исчистено од хартија.
На периферијата на Куманово, во Северноисточниот регион во Македонија, навидум мал и скромен производен капацитет прави пионерски чекори за заштита на животната средина и развој на циркуларната економија преку рециклирање на хартија и картонска амбалажа и создавање нов производ за повеќекратна потреба. Во овој погон повеќе од седум години отпадот се користи како секундарна суровина и од него се прави производ кој има широка примена за пакување во прехранбената индустрија.
„М и Т груп“, во сопственост на Оливер Тасевски од Куманово, е мала локална компанија која месечно преработува околу 130 тони хартија и произведува табли и папки за јајца. Во рециклирачкиот процес се вклучени околу 20-тина работници, кои вредно работат на создавање на нов производ од отпадот што инаку би завршил на некоја депонија како неупотреблив. Тука му даваат нова вредност.
„Нашата ‘мисија’ е тешка и макотрпна, но благородна како за луѓето, така и за животната средина и за циркуларната економија“, вели Тасевски.
Нивната работа почнува со набавка на картонската амбалажа и хартија во отпадите во Куманово и во околните градови и нивен транспорт до капацитетот за рециклирање. Најпрвин, со многу трпение, тие рачно ги одвојуваат лепакот, пластиката, најлонот и други материјали што се неупотребливи за да се добие чиста картонска и хартиена суровина. Потоа следува сложениот процес на производство. Исчистениот отпад ситно се меле во машина и се меша со топла вода, по што под голем притисок се прави каша, т.н. пулпа. Густината на кашата се прилагодува според потребата на производот, а потоа смесата се излива во калап и под голем притисок се вади водата од неа. На крајот се суши на пареа. Водата и пареата се присутни насекаде во погонот, но најважно е што не се употребувааат хемикалии во целиот процес на производство.
Тасевски е еден од ретките во државата што се занимава со третман и преработка на неопасен отпад, кој е тренд во светот.
„Ние изработуваме целосен еколошки производ, го затвораме целиот круг. Собираме, рециклираме и создаваме нов производ. Има фирми кои работат само по една од овие дејности, но ние сме комплетни. Кога ќе заврши намената на нашиот производ, тој како отпад од пакување, повторно се враќа кај нас и го користеме како суровина“, вели Тасевски.
Рециклирањето не е бизнис во Македонија, затоа што нема доволни количини на отпад
Но, и покрај оптимизмот и заложбите на кумановскиот рециклатор, во Македонија има многу системски недоследности кои го попречуваат ефикасното справување со отпадот, негова преработка и производство на рециклирани роизводи.
Иако во државата има воспоставен систем за управување со отпад, тој не е целосно усогласен со законската регулатива во оваа област. Тоа е и причина што има отпад на сите страни, диви депонии, загадени реки и уништени планински предели, а селектирaњето и рециклирањето е сѐ уште во зародиш.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека националното законодавство е во целост хармонизирано со законодавството на ЕУ во оваа област, но за жал недостасува целосно имплеметирање на законските обврски.
Оттаму тврдат дека во земјата има доволно капацитети за рециклирање на селектираниот отпад, најмногу за метал, хартија, пластика и стакло, но нема доволно отпад како суровина.
Причина за ваквата состојба е тоа што примарната селекција е на многу ниско ниво, бидејќи домаќинствата и општините не го селектираат, па голем дел од отпадот кој може да се рециклира завршува на општинските нестандардни депонии или во природата.
„Рециклирањето не е бизнис во Македонија, затоа што нема доволни количини на отпад за да може инвестицијата да има економска исплатливост“, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Сектор за управување со отпад во Министерство за животна средина и просторно планирање.
Но, и тие мали количини, наместо да завршат кај ретките домашни рециклатори, тие се извезуваат, најчесто во регионот, каде што се преработуваат во нови производи и со додадена вредност се пласира на пазарите.
„Согласно податоците за одобрена количина за 2022 година имаме извезена отпадна хартија и картон во количина од 78.100 тони во Турција, Бугарија, Србија и Грција, повремено Унгарија, Словенија“, рекоа надлежните.
Тоа е речиси целата количина на отпад што се прибира, бидејќи според официјалните податоци во првите шест месеци од минатата година се собрани 37.369.124 килограми или близу 37.370 тони отпад од хартија во земјата.
Третманот на отпад без поддршка од државата
Покрај недостигот на репроматеријали, сериозен проблем за стопанствениците од оваа дејност е и немањето конкретна помош од државата, како и вклученост во системот на колективните постапувачи на отпад .
„Оставени сме сами на себе, купуваме суровина од приватните отпади, собирачите на хартија, фирми кои создаваат отпад од пакување, но сето тоа оди многу тешко. Најголем проблем е што сите кои создаваат отпад, наместо да ни плаќаат за изнесување, како што е примерот во домаќинствата, тие ни бараат да дојдеме со наши работници и возило да го собераме и да подигнеме отпадот и на крај да им платиме за тоа“, вели Тасевски.
Искуствата од европските земји се сосема поинакви и во корист на преработувачите на отпад.
„Нема да одам многу далеку, ќе ви го кажам примерот во Хрватска. Тие добиваат субвенции за секој рециклиран килограм хартија, плус други привилегии. Кај нас секоја фирма увозник плаќа процент за отпад од пакување, и наместо тие суровини да доаѓаат кај нас гратис за да ги преработуваме, тие се фрлаат во контејнери или се палат, бидејќи нема кој да го собира. Деловните соработници од странство кога ќе ја видат расфрланата хартија низ градот се фаќаат за глава“, раскажува кумановецот.
Според Законот за управување со пакување и отпад од пакување во Република Северна Македонија, отпадот од пакување го собираат колективните или самостојни постапувачи. Тоа се непрофитни организации, кои немаат право да тргуваат со отпадот, туку го предаваат на правни субјекти кои имаат дозвола за складирање и третман на неопасен отпад.
„Имајќи го предвид овој факт не сме во можност директно да учествуваме во комерцијалните активности на компаниите. Она што го можеме и во најголем дел од случаите досега што го правиме, е советување и меѓусобно насочување на сите засегнати чинители во процесот на управувањето со отпадот од пакување“, објаснија од „Пакомак“, најголемиот колективен постапувач во државата.
Кумановската „М и Т груп“ не е меѓу „среќниците“, но има најави дека „Пакомак“ ќе ги упати своите клиенти од бизнис секторот кон овој сериозен рециклатор.
Екологијата и економијата трпат
Немањето на ефикасен систем за собирање на отпад е проблем и за екологистите и економистите. Тие укажуваат дека тоа има долгорочни последици. Доколку отпадот, наместо да се извезува, се дава на фирмите кои вршат негов третман ќе се инвестира во нивниот развој, пред сѐ, во техничките и просторни капацитети.
„Кога стопанствениците ќе увидат дека има позитивна клима и еколошки фондови кои ќе ги помагаат, тие сигурно многу повеќе ќе инвестираат во ваков вид на производство. Вака, државата има повеќекратна загуба“, кажа Бобан Бојковски, експерт за животна средина, кој учествувал во изработка на систем за управување со цврст отпад на Југосточна Европа.
На исто мислење е и сопственикот на „М и Т груп“, кој има сериозни планови за развој на сопствениот бизнис. Тој, во текот на годината, ќе го пресели производството во нов и поголем објект, ќе го осовремени машинскиот дел и ќе почне производство на нов асортиман на производи за пакување на бела техника и мали апарати за домаќинството, кои треба да го заменат стиропорот, а за што уште сега има голема побарувачка.
„Со новата машина ќе може да преработуваме и рециклираме околу 400-500 тона хартија месечно. Во Куманово, може да се собере околу 150 тони хартија. Проблем е што сега јас одам да земам хартија од околните градови, наместо да го користам отпадот од нашата општина и да имаме еколошки чист град, да имаме нов преработувачки капацитет и нови вработувања“, уверува Тасевски.
Но, очигледен проблем е што во Куманово, како и во останатите градови во државата, освен мал дел во Скопје, нема селекција на отпад во домаќинствата. Досега, имало неколку обиди, но без резултати.
„Пред 3,5 години почнавме со процесот за селекција на отпад во соработка со „Пакомак“ и поставивме контејнери на 15-тина локации во градот. За жал, тој проект не профункционира, затоа што имавме проблем со нелегалните собирачи на отпад. Целокупната опрема што тогаш ја поставивме беше уништена. Но, ние нема да се откажеме и планираме напролет повторно да поставиме контејнери. Во меѓувреме започнавме и еден пилот проект за селектирање на отпад во домаќинствата во две кумановски населби “, објаснува Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово.
Граѓаните тврдат дека на почетокот сериозно ја сфатиле селекцијата на отпадот од пластика, хартија и стакло, но контејнерите не се празнеле редовно и се создале услови отпадот да заврши кај нелеганите собирачи или во природата.
Инаку, Северна Македонија е една од ретките земји во регионот која нема ниту една современа депонија за третман на отпад. Иако уште во 2004 година е донесен Просторен план за изградба на осум регионални депонии, 19 години подоцна нема реализација. Процесот заглави поради тоа што повеќето општини не сакаат депониите да се градат на нивната територија, а потоа и не се финансиски моќни, бидејќи надоместокот кој го плаќаат домаќинствата не може да го покрие трошокот за соодветно управување со комуналниот отпад.
„Владата помага за обезбедување на овие средства преку грантови (ИПА средства) или преку заеми, и во моментов се чека да се усвои Законот за заем од ЕБОР кој од јуни е во Собранието. Но, постапките за обезбедување средства од административен аспект се долги. Второ, нема секогаш согласност од општините за воспоставување на овој систем и тоа дополнително го продолжува процесот“, велат од Министерството.
Во мојата работа не гледам само профит, сакам да го видат Куманово исчистено од хартија
И додека државата бара начин како да се справи со овој голем проблем, осамениот преработувач на отпад од Куманово, не се откажува од својата идеја да ја развива циркуларната економија, да ја исчисти општината од хартија и да ги натера граѓаните и стопанските субјекти да селектираат отпад.
Тасевски својата работа ја работи со многу љубов и посветеност. Иако по професија е дипломиран цариник, се одлучил да се вклучи во фирмата на неговиот вујко Диме Кока и да ја продолжи семејната традиција. Неговата упорност е фасцинантна, а оптимизмот е заразен.
„Јас сум екологист. Оваа е моја пасија. Веќе ми стана професионална деформација да го забележувам секое купче на ѓубре и амбалажата од пакување во секој контејнер, помешана со другиот отпад. Особено ми смета кога ќе видам дека картонот се пали. Тоа е суровина, која вреди пари и затоа треба да ја заштитиме и правилно да ја употребиме. Во мојата работа не гледам само профит, сакам да го видат Куманово исчистено од хартија. Македонија да биде земја без загадени реки, шуми и зеленило. Ако тоа можат да го направат властите и граѓаните во европските земји, зошто да не можеме и ние овде? Досега нема голем интерес од локалната и централната власт за решавање на овој проблем, но верувам дека промените брзо ќе дојдат “, заклучува Тасевски.
“Овој материјал е објавен во рамките на проектот „Going Environmental“ управуван од n-ost и БИРН и финансиран од германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ). BMZ во никој случај не е одговорен за информациите или гледиштата изразени во рамките на проектот“.